Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денеска дека министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли прибегнаува кон нов трик кога најавува укинување на таксите за српските производи, за што би требало да разговараат преговарачките тимови на Белград и Приштина.

– Јас ќе им кажам на убав српски јазик – залудно варосувавте, нема ништо од таа работа, малку вразумете се, па со разумна платформа да седнеме да разговараме, рече Вучиќ во обраќањето пред граѓаните во Смедерево, во рамките на неговата кампања „Иднината на Србија.“

Тој рече дека платформата на Приштина за дијалог предвидува дека „ние треба да направиме сè што тие сакаат и дека треба да бидеме задоволни со она што тие не го направиле порано“.

Вучиќ оцени дека неодговорноста на политичарите во Приштина, е благ збор за да се опише нивното однесување.

– Што сакате, да не уценувате, да не сметате за будали, тој филм нема да го гледате, рече Вучиќ.

Тој им порача на граѓаните во Косово да не се грижат, бидејќи државата Србија е со нив.

– Србија не е слаба како во 2004 и 2008 година, не е очајна како во 2010 година, кога побаравме пресуда од Меѓународниот суд на правдата и не се однесува арогантно, но доволно е силна за да ги заштити сите наши деца и граѓани и тоа сите во меѓународната заедница треба да го имаат на ум, рече Вучиќ.

Денеска од неговиот Кабинет соопштија дека утре, со премиерката Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ ќе одржат состанок со патријархот Иринеј и со Синодот на Српската православна црква, а се очекува тема да биде новонастанатата ситуација со Платформата за преговори усвоен пред два дена во Приштина и позицијата на Белград.