Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека е неопходно да се почне со формирање на регионален пазар на извори на енергија, за да можат земјите од Балканот да си помагаат меѓусебно, имајќи предвид дека сите имаат различни можности и капацитети во тоа област, јави дописникот на МИА од Белград.
Со сите проблеми со кои се соочуваме, ќе одиме со формирање регионален пазар и ќе си помагаме. Затоа што немаме сите сè. Имаме различни можности и капацитети и можеме само заедно да ја обезбедиме иднината, изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција по повод регионалната конференција „Можности за инвестирање во обновливи извори на енергија во Западен Балкан“.
Вучиќ порача дека енергетиката е прашање од суштинско значење, не само краткорочно, туку и долгорочно.
Ова прашање не е важно само за оваа, туку и за зимите што допрва доаѓаат. Затоа што прашање е како ќе заврши војната (во Украина). Очекуваме големи и тешки реформи и во нашите јавни претпријатија. Ќе ни требаат тешки реформи во енергетскиот сектор, какви што беа потребни во економскиот и фискалниот сектор во 2014 година, изјави Вучиќ.
Тој изјави дека Србија се соочува со големи проблеми не само во диверзификацијата на изворите на енергија, туку и со старомоден пристап и стара технологија како што се термоелектраните, и дека не е во позиција да ги зголеми обновливите извори на енергија.