Српскиот претседател Александар Вучиќ во честитката до претседателот на САД Доналд Трамп, по повод неговиот роденден, го покани да ја посети Србија и го замоли „да води поинаква политика околу косовското прашање“.
– Како што знаете, г-дин Претседател, преку проблемот на Косово и Метохија се преплетуваат правата и интересите не само на Белград и Приштина, туку и на различни меѓународни актери, со што тоа станува извор на бескрајни политички манипулации и нестабилност, напиша Вучиќ во писмото објавено од неговата прес служба.
Тој нагласи дека „на никој не му е толку важно да се дојде до решение за тој тежок товар ,колку на Србија“.
– Јас знам, како и сите граѓани на Србија, дека САД имаат посебен однос кон Косово и Метохија, сметајќи го за независна држава, која секогаш ја поддржуваа и помагаа, особено преку дејствувањето на поранешната администрација на претседателот Бил Клинтон. Следејќи ја вашата енергична работа, почитувајќи ја храброста на идеи и отвореноста кон различен, понекогаш неочекуван пристап кон решавање на проблемите, јас сум убеден дека Вие би воделе поинаква политика за ова прашање. Затоа сакам да Ве замолам да влијаете на Приштина да ги укине штетните такси на стоки произведени во централна Србија, со цел дијалогот за изнаоѓање на компромисно, взаемно прифатливо решение, да продолжи, напиша Вучиќ во писмото до Трамп.
– Во обид да ги вратам односите на Србија и САД на ниво на вистинско партнерство, какви беа и какви треба да бидат, јас сум охрабрен од фактот дека обрнувате внимание на настаните на Балканот и дека неколкупати ја искажавте подготвеноста да помогнете во дијалогот меѓу Белград и Приштина, а со тоа решавајќи го вековниот проблем на Косово и Метохија. Посакувајќи да го прославите роденденот во мир, со срдечни и искрени честитки, примете ја екселенцијо, мојата посебна почит, се наведува во честитката на Вучиќ до Доналд Трамп.