Европската унија ги повика сите партии на воздржаност пред локалните избори во четири општини на северот на Косово, додека водечката политичка партија на косовските Срби – Српска листа (СЛ), повика на бојкот, што беше поддржано од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Изборите беа распишани откако градоначалниците на општините на север (Лепосавиќ, Зубин Поток, Северна Митровица и Звечан), сите членови на СЛ, поднесоа оставки во ноември 2022 година како знак на противење на одлуката на косовската влада за пререгистрација на автомобили со таблички издадени во Србија на регистарски таблички Република Косово (РКС).
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ја нарече одлуката на СЛ да не учествува на изборите „многу разочарувачка“, објави во саботата Радио Слободна Европа (РСЕ).
Српска листа, сестринската партија на српската владејачка партија СНС на претседателот Вучиќ, им порача на гласачите дека изборите се „недемократски“ и повика „на 23 април да бидат празни сите избирачки места“, што ќе им испрати на Србите од северот „јасна порака до Приштина и меѓународната заедница“.
Претседателот на Србија во саботата ги повика и Србите во Косово „да покажат колку се пообединети“ и дека властите во Приштина „не можат да ги згазат“.
Вучиќ денеска пред новинарите, по презентацијата на можностите, оружјето и опремата на Вооружените сили на Србија (ВС) „Гранит 2023“, изјави дека е изненаден од изјавата на портпаролот на ЕУ Петер Стано, кој е „разочаран бидејќи Србите не сакаат да учествуваат на избори“ и повтори дека ЕУ има обврска во спроведувањето на претходните договори за кои била гарант.
Србите, посочи Вучиќ, досега учествувале „на четири или пет различни изборни циклуси организирани од приштинските власти“, а „не требало да учествуваат во ниту еден од нив додека не се формира Заедницата на српските општини“ на Косово, која е обврската на Приштина од бриселскиот договор, постигнат под покровителство на ЕУ и тогашниот шеф на европската дипломатија Кетрин Ештон.
„Тие го убиваат нашиот народ, а вие сте разочарани“
„Десет години подоцна – и не е виновна само Приштина, туку и Европската Унија, која е гарант за спроведувањето на бриселскиот договор и не го спроведе – Србите сè уште се предмет на малтретирање, шиканирање и сега велат: Нема да го спроведеме тоа што го потпишавте“, рече Вучиќ.
Тој, многу лут, му порача на Петер Стано дека треба да се срами поради своите оценки. „Тие ни го убиваат народот, а вие велите дека сте разочарани што не учествуваме на изборите. Мислам на тој портпарол на ЕУ и го прашувам: зарем не ви е барем малку срам“, им рече Вучиќ на новинарите.
На 27 февруари во Брисел, Белград се согласи со предлогот на европскиот план за Косово, а потоа на 18 март во Охрид со анексот за имплементација на тој план, но со тоа не завршија споровите меѓу двете страни за приоритетите и метод на имплементација.
Српската страна инсистира дека клучен предуслов за продолжување на имплементацијата е формирање на Заедница на српски општини, што властите во Приштина, и покрај притисокот од ЕУ и САД, кои го поддржуваат европскиот план, одбиваат да го направат, тврдејќи дека ЗСО не може да има извршни овластувања.
Косовскиот премиер Албин Курти инсистира дека ЗСО може да биде на дневен ред само кога Србија ќе го признае Косово, додека српскиот државен врв упорно ги повторува „црвените линии“ на Србија дека нема да прифати членство на Косово во ОН и меѓународните организации.
На денот на изборите, Србите на северот на Косово „ќе бидат мирни, одговорни и ќе чекаат подобри времиња кога ќе се применуваат Повелбата на ОН и меѓународното право и кога ќе се почитуваат потпишаните договори“, рече Вучиќ во саботата.