Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва се обрати до јавноста во врска со новите одлуки на Приштина за забрана на српските лични карти и по 30 септември за укинување на важноста на регистарските таблички со имињата на српските градови „КМ“, „ГЛ“, „ПР“ , „УР“ и други, најавувајќи дека по тој период тие возила ќе бидат одземени.
– Ние сме секогаш подготвени за дијалог, додека некои други никогаш не биле подготвени за суштински разговор и имаат поддршка од западните сили – рече тој по повод притисокот од Западот и притисокот од како пто ја нарекува „лажната држава“.
Тие се целосно поддржани пред се од Велика Британија и Германија, рече Вучиќ.
– Донесоа две решенија во нивните привремени установи. Едната е за забрана на лични карти на влезот во покраината, а другата одлука има само една цел, а тоа е целосно протерување на Србите од северот на Косово, да се создаде нова „Олуја“. Тие со години водат кампања за да ги принудат Србите да ги прифатат нивните регистарски таблички, рече тој.
Претседателот вели дека властите на лажната држава сметаат на Србите да го напуштат северот, а Србија со години трпи лаги од Западот и Приштина.
– Мојот проблем не е што мислат дека сме глупави, туку што мислат дека се многу паметни. Ќе дадам неколку примери. Ни запалија десетици цркви и манастири и убиваа десетици луѓе, а како награда добија независно Косово, додека во Белград се расправаа за фотелји – рече Вучиќ.
Тој потсетува и на тешките одлуки на Меѓународниот суд на правдата поради глупавите прашања на кои инсистираа тогашните власти.
– После тоа седнавме и го добивме Бриселскиот договор. Од тој бриселски договор, Србите исполнија се. Единственото нешто што Приштина мораше да го исполни не беше исполнето. А како е можно западната петорка да молчи, а кога Србите го закачуваат транспарентот на ЗСО, тогаш одат директно во затвор – праша претседателот.
Претседателот вели дека овде веќе не се зборува за дијалог, туку дека Србија ќе гледа да го зачува мирот.
-Никој ништо не нуди. Тие бараат Срби кои ќе тргнат против својот народ на Косово и Метохија. Нашиот одговор ќе биде смирен, но силен и вистинит. Нема да преземаме воени дејствија, но ги молам да не земаат имот од нашите луѓе, и да не се обидуваат да ги протераат. Ги молиме, тие моќни и силни. И верувам дека имаат доволно време до 30 септември трипати да размислат дали ќе го направат тоа или не – рече Вучиќ.