Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е извесно дека Собранието ќе биде конституирано во понеделник, а потоа се очекува да биде формирана и влада кон средината на август.

-Владата на Србија ќе биде по мерка на народот, односно како што избраа граѓаните на Србија, изјави Вучиќ и посочи дека не е тука да исполнува нечии желби.

Коментирајќи ја изјавата на американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, кој рече дека очекува прозападна влада, Вучиќ одговори:

„Граѓаните избираат, а тие избраа Србија да има српска Влада, која ќе се грижи за своите интереси.“

Инаку, Хил за денешен Блиц изјави дека би сакал во Србија да види прозападна влада и министри кои веруваат во стратешките насоки за кои гласале Србите и дека Србија мора да се сврти кон Запад.