Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека земјата мора да ја зачува независноста во одлучувањето и изрази надеж за глобални промени по јануари 2025 година.

Вучиќ, за време на гостувањето во емисијата „Хит твит“ ја истакна важноста од слободарски пристап и поддршка за лидерите кои, како што рече, можат да го променат текот на глобалните односи.

– Србија треба да одлучува самостојно, никој друг да не одлучува во наше име. Затоа имаме голема надеж во она што го прави Илон Маск. Верувам и во Доналд Трамп и дека тој ќе промени многу работи. Како што слушнав, и вчера и денеска имав контакти со важни луѓе од идната американска администрација, она што ќе го видиме по 20 јануари ќе биде нешто досега невидено во светот, рече Вучиќ.

Тој откри дека неговите контакти со блиските соработници на Доналд Трамп му дале надеж за промени кои, според него, ќе бидат корисни не само за Србија, туку и за целиот свет.

-Ми рекоа дека одлуките во најголема мера се веќе подготвени. Верувам дека на 21 јануари Трамп ќе потпише 200 извршни наредби кои ќе променат половина свет. Нема веќе трошење пари за уривање на оние кои не и одговараат на длабоката држава, рече Вучиќ.

Тој истакна дека верува во правичноста и доследноста на луѓето од идната американска администрација.

– Кога разговарам со луѓе блиски до Трамп, тие го кажуваат она што е праведно и фер, дури и кога тоа не е во интерес на нивната земја. Ова ми дава надеж дека ќе успее во своите намери, заклучи Вучиќ, додавајќи дека е подготвен Србија да ја задржи позицијата на слободна и независна држава во светот кој брзо се менува