Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград разговараше со руски истражувачи за „развојот на револуционерна вакцина против онколошки заболувања“.
„Србија е заинтересирана за овој најнапреден вид терапија и потенцијалната соработка во оваа област со нашите руски партнери претставува огромен чекор кон подигнување на стандардите за дијагностика и лекување во нашата земја“, напиша тој на Инстаграм.
Тој во Белград разговараше со директорот на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ Александар Гинцбург и генералниот директор на Националниот медицински истражувачки центар за радиологија Андреј Каприн, и ја оцени средбата како одлична.
Додаде дека за Србија, инвестирањето во брз и сигурен пристап до најсовремените решенија во областа на онкологијата е еден од приоритетите.
„И затоа ја изразив целосната подготвеност на нашата земја за континуирана соработка што може да придонесе за развој и евентуално производство и примена на оваа вакцина во нашата земја, почитувајќи ги највисоките светски стандарди во однос на безбедноста и етиката“.