„Една од точките на првиот документ што ни беше презентиран на состанокот во Белата куќа, за економска нормализација, беше оној за взаемно признавање на Србија и Косово, но таа точка веќе ја нема, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за време на паузата на состанокот во Вашингтон. Тој исто така кажа дека не треба да постои страв дека Србија ќе потпише каков било документ во кој постои барање за признавање на Косово. „И точка“, кажа Вучиќ.
-Првиот документ што беше ставен пред нас беше со наслов „Економска нормализација“. Знаете како изгледа сето тоа – доаѓаат две страни, Приштина и нашата, тогаш американската страна ни дава документ што ниту една од страните не го има видено, тоа е нон-пејпер, што не може да го изнесувате или да го сликате, а потоа се изјаснувате за тоа прашање…Таа хартија беше ужасно тешка, имаше 15 или 16 точки, а една од нив беше да зборуваме за заемно признавање, што не е новост за американската политика, објасни Вучиќ.
Тој кажа дека српската страна сметала дека тоа не може да стои во некој економски документ.
-Американската страна беше фер, тие не сослушаа и мислам дека таа одредба повеќе ја нема во натамошните документи, кажа тој.
Како што рече, тие реагирале „силно и одговорно“ и дека „ова не е прв пат да реагира на таков начин … Но, тоа е мојата работа“.
Вучиќ додаде дека разговорите се уште траат, дека ќе продолжат и утре.
-Ќе видиме дали ќе можеме да постигнеме договор. Ние дојдовме да постигнеме договор и се уште се надеваме на тоа, додаде тој.
Говорејќи за текот на разговорот, Вучиќ рече дека „има многу добри работи во врска со економијата“.
-Беа сите од американската влада кои се занимаваат со економија…каде разговаравме за инфраструктурни проекти, што е добро за сите, но исто така и за понатамошно кредитирање и инвестирање … за малите и средни претпријатија, рече тој.
Вучиќ исто така изјави дека се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во петок, но дека не може да го потврди тоа, ниту е сигурен за тоа.