Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека патријархот на Српската православна црква Иринеј е „во тешка здравствена состојба, но дека, фала му на Бога, е жив“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ вечерва изјави дека патријархот Иринеј се наоѓа во тешка состојба.
По полициската вежба „Обрач 2020“, Вучиќ, запрашан за здравствената состојба на патријархот, кажа дека патријархот се наоѓа во „не лесна состојба“.
-Фала му на Бога, жив е. Тој беше во подобра состојба пред три часа. Сега таа ситуација е тешка. Пред 55 минути тој беше интубиран, кажа Вучиќ и додаде дека лекарите се борат за животот на патријархот.
Според Горан Стевановиќ, директор на Инфективната клиника, патријархот е во црвената зона.
-Тие се обидуваат да му направат дренажа на белите дробови, додека патријархот е интубиран, бидејќи тоа не било можно порано. Лекарите го вртеле од левата на десна страна, објасни Вучиќ.
Српскиот претседател додаде дека е тешко да се предвиди било што, освен сите да се молат на Бога.