Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денеска имал многу добар телефонски разговор со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, со кого договорил исклучително поволна цена на гасот за Србија, јави дописникот на МИА од Белгград.
Вучиќ за новинарите изјави дека најважна тема на денешниот разговор со Путин е истекувањето на договорот за гас по десет години, на 31 мај.
– И она што можам да ви го кажам е дека ги договоривме главните елементи кои се многу поволни за Србија. Се договоривме да потпишеме тригодишен договор што е прв елемент од договорот и мислам дека многу и одговара на српската страна. Друг важен елемент е формулата што ја користиме да остане иста (формула за нафта), така што цената ќе биде многу поволна за нашата земја, истакна Вучиќ.
Тој прецизираше дека цената на гасот за Србија, според договорената формула, ќе зависи од цената на нафтата, и дека цената на гасот што ќе ја плати Србија ќе биде од 310 до 408 долари на илјада кубни метри гас.
– Ако сето ова го реализираме од договорот со Путин, ќе имаме безбедна зима кога е во прашање снабдувањето со гас, додаде Вучиќ, нагласувајќи дека цената на гасот што ја договорил со рускиот претседател е трикратно пониска, а во зима ќе биде десет пати помалку отколку што плаќаат другите европски земји.
Вучиќ рече и дека на претседателот Путин му го пренел ставот на Србија дека би сакале што поскоро да се воспостави мир во Украина.
– Тој ми кажа дека постои понуден договор со кој се запознаени и кој е на маса во Москва, Киев и другите западни центри, изјави српскиот претседател.
Тој додаде дека слушнал некои елементи од договорот, но дека Србија е мала земја за решавање на тие проблеми и „се надева само дека ќе се воспостави мир“.