Српскиот претседател Александар Вучиќ реши да не оди во приватна посета на Црна Гора на Бадник. Вучиќ на вонредна прес-конференција по средбата со патријархот на СПЦ Иринеј рече дека оваа одлука ја поддржал патријархот Иринеј, истакнувајќи дека не сакал да им дава алиби на црногорските власти дека тоа ќе биде напад на независноста и уставноста на таа држава.
– Не сакам да му дадам алиби на црногорскиот режим кој ќе каже дека станува збор за напад врз независноста и уставниот поредок на Црна Гора. Ние ја почитуваме независноста и уставниот поредок на Црна Гора и никогаш ниту на кој било начин не сме го загрозиле, ниту сме заинтересирани за тоа, рече Вучиќ.
Тој додаде дека била договорена посетата на Плевља и на Милешевската епархија, дека сè било подготвено и дека се очекувало доаѓање на 30 до 40 илјади Срби од Црна Гора.
– Ја донесов таа одлука затоа што не сум сигурен дека нема да има предизвикување конфликти, а јас нив не ги сакам. Затоа што знам дека некои тоа би го искористиле за да му наштетат на српскиот народ во Црна Гора, истакна тој.
Вучиќ им се заблагодари на Србите во Црна Гора, градоначалниците и претставниците на српските политички партии кои го поддржале неговото пристигнување, јави дописникот на МИА од Белград.
– Мојата клучна порака до нашиот народ во Црна Гора е дека ние сме еден народ и нема да дозволиме никој да ни го уништи минатото или иднината. Ние ќе се бориме со вистината, не со оружје, не со лаги со кои тие се служат, само со вистината. Ние сакаме да разговараме со нив, затоа што тие се наши браќа, но ќе мора и тие да ги почитуваат нивните браќа, рече Вучиќ.
Тој ја обвини меѓународната заедница за „хистерична кампања на лаги“ и ја наведе агенцијата АП како пример, која информираше дека српскиот претседател „со својата посета „долева масло на огнот“.
Вучиќ додаде дека не очекувал оваа посета да биде причина црногорските власти да го повикаат НАТО и дека ова е добро бидејќи покажува каков бес искажуваат црногорските власти кон Србија.
– Лицемерието на меѓународната заедница е толку немилосрдно што едвај чекав да видам кој би се осмелил да ме повика, да ми каже за мојата посета на Црна Гора, рече Вучиќ.
Тој најави дека државата Србија ќе ги поддржи сите институции на српскиот народ во Црна Гора, но нема да се меша во државните прашања.
Вучиќ рече дека нема да замине на Косово за Божиќ затоа што би бил уапсен, поради тоа што таму би се осмелил да ја каже вистината за Рачак, додавајќи дека „белосветските хохштаплери“ му вовеле вербален деликт.
Вонредното обраќање на српскиот претседател следеше по новогодишните протести, апсењето и немирите во Црна Гора и протестите, протестните ноти, палењето на црногорското знаме пред амбасадата на Црна Гора во Белград, што ги усложни односите меѓу овие две земји.