Македонскиот возач Ристо Вуков, кој настапува за тимот „GDL Racing“, втора сезона по ред ќе учествува на италијанскиот Порше Карера Куп.
– Конкуренцијата е зголемена за 50%, што е навистина многу. Лани се натпреварувавме меѓу 22 и 25 возила, а за оваа сезона има пријавени 37 возачи! Од она што го знам, повеќето се подготвени да ја возат целата сезона, бидејќи лани поради пандемијата не учествувале, но има и многу нови таленти кои доаѓаат од светот на картингот. Нашата цел и лани беше да бидеме континуирано во „топ 10“, и успеавме во тоа, а се надеваме дека оваа година можеме и подобро. Очекувам на некои патеки да бидам побрз можеби и половина секунда во однос на лани, што би било фантастичен успех, изјави Вуков.
Оваа година во тимот на ЏДЛ рејсинг нема да има втор возач и целата поддршка ќе биде Вуков.
– Тоа е „меч со две острици“, па недостатокот на тимски колега на патеката значи дека нема помош и размена на податоците за сет ап, ниту пак за покомплексни зафати како возење во заветрина на квалификации или соработка во трките.
Со календарот се предвидени шест Гран при викенди, а во секој од нив има по две трки (сабота и недела). Првите возбудувања се на 5 и 6 јуни, кога се возат трките во Мизано. На 3 и 4 јули се предвидени трките во Муџело, а на 24 и 25 јули е Имола. Втората половина на сезоната започнува со трките на 18 и 19 септември на Валелунга, а завршни се трките на 2 и 3 октомври на Франчакорта и 30 и 31 октомври на Монца.