Со овие предлог-закони, номинираниот стратешки партнер „Бехтел и Енка“, како и сите учесници во овие проекти ќе добијат многубројни даночни, царински олеснувања и дополнителни народни пари и привилегии, соопштија од Левица
Собранискиот спикер Талат Џафери закажа итна седница за понеделник, на која власта по скратена постапка сака да протне девет предлог-закони поврзани со коридорите 8 и 10-д. Со овие предлог-закони, номинираниот стратешки партнер „Бехтел и Енка“, како и сите учесници во овие проекти ќе добијат многубројни даночни, царински олеснувања и дополнителни народни пари и привилегии, соопштија од Левица.
Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес, посочуваат оттаму, се овозможува ослободување од данок на додадена вредност (со право на одбивка на претходен данок) и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги кој е извршен кон инвеститорот од страна на стратешкиот партнер, како и прометот кон стратешкиот инвеститор за цели на проектот од овој закон.
„Исто така, со предлозите се предвидува ослободување од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила (пикап-возила) на увозот кој е извршен од страна на стратешкиот партнер за целите на овој проект. Потсетуваме дека контроверзниот американско-турски конзорциум ‘Бехтел и Енка’ беше номиниран за стратешки партнер за имплементација на проектите за изградба на коридорите 8 и 10 Д во јули 2021 година. И покрај многубројните остри критики и иницијативата на ДКСК за оспорување на овој закон (затоа што ги крши уставните начела против монополската положба) Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Антикорупциската комисија“,
соопштија од Левица.
Левица беше против специјалниот закон кој беше изгласан во Собранието, со што американско-турскиот конзорциум ја доби изградбата на Коридорот 8 без спроведување тендер. Без транспарентна постапка за јавни набавки, „Бехтел и Енка“ стана стратешки партнер со монополска положба, велат од партијата.
„Со овој предлог-закон се овозможува дополнително да профитираат и инвеститорот и стратешкиот партнер на штета на државата и македонските граѓани, со што ќе ги бетонираат стекнатите монополски права, преку низа даночни и царински ослободувања на сметка на Буџетот во најголемата економска криза“,
соопштија од Левица.