Денеска во Скопје и во Македонија ќе се одржат повеќе настани поврзани со Меѓународниот ден на жената, нејзините права и простен марш.
Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ денеска во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март ќе се одржи шестиот Марш за женски права.
– На овој марш, заеднички ќе упатиме порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок! Општество во кое жените се сиромашни и лишени од своите права е општество кое е сиромашно!, велат организаторите.
Тие додаваат дека на маршот сакаат да ги посетат клучните институции дека отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените значи дека институциите дозволуваат системска дискриминација и насилство, како и дека женската сиромаштија демне во сите аспекти од општествениот живот, а е особено изразена поради пандемијата со Ковид-19, што довело до голем број на отпуштања во индустрии како текстилната, каде најголем дел од вработените се жени, но како што посочуваат, ковид-мерки и механизми за економско зајакнување на жените отсуствуваат.
– Жените и понатаму не се ниту близу подеднакво вклучени во креирањето на политики и мерки, како и носење одлуки, кои ќе ги земат предвид потребите на сите граѓан(к)и. Онаму каде нема квоти, како што се извршната и локалната власт, одлуките ги носат доминантно мажи – само четири жени, наспроти 17 мажи во Владата, две градоначалнички, наспроти 79 градоначалници во локалната власт. Промени мора да има, велат организаторите.
Маршот за правата на жените ќе се одвива според однапред определена рута, со почеток во 12:00 часот, пред Влада каде по обраќањето на организаторите, ќе се продолжи по предвидената рута. Маршот ќе заврши во Паркот Жена Борец, со обраќање до јавноста и институциите.
Маршот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права. Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 27 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост.
Жените го слават 8 Март, рамноправноста се уште само декларативна
Негирање на женските права, дискриминација и насилство, помало учество во политиката и на раководните функции, помали плати за исти работни места, повеќе неформална и неплатена работа, се дел од работите со кои денес се уште се соочуваат жените. Тие денеска го слават 8 Март како ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но во пракса состојбите го покажуваат спротивното.
Денес се уште е мал бројот на жени на раководни функции, а тие не се и правично застапени во структурите за донесување на одлуки. Дополнително, се уште постои јаз во платите меѓу мажите и жените, односно за иста работа жените се помалку платени од мажите.
Затоа од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ бараат наместо честитки и подароци по повод Меѓународниот ден на жената, Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и на проблемите со кои се соочуваат жените во повеќе области.
– По повод денешниот Меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостиг на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, за 8 Март 2022 година наместо подарок сакаме да посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност”, велат од ЕСЕ.
Оттаму додаваат дека иако семејното насилство е законски регулирано од 2004 година, државата се уште не ја обезбедува бесплатната правна помош која е потребна за жените да можат да се заштитат од насилството и да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат, како што се развод на бракот, старателството, издршката врз децата, поделбата на имотот итн.
Напоменуваат и дека ограничениот пристап до пазарот на труд и невработеноста, во 2022 година остануваат клучните проблеми со кои се соочуваат жените во Македонија. Оттаму додаваат дека жените во Македонија се уште се соочуваат со бариери во пристапот до основните здравствени услуги за женското здравје.
На вчерашните настани организирани по повод 8 Март, сите упатија пораки за поголемо почитување на правата на жената и нејзино економско јакнење.
Здружението на бизнис жени на Македонија побара државата да овозможи подобри можности и услови за освојување на економската независност на жената, како основа за нејзината сеопфатна независност и градење како рамноправен сегмент во општеството во целина.
Претставниците на жените од руралната средина побараа поголема поддршка за нивно зајакнување, но и остварување на правата. Со една политика, со една измена на закон, со донесување правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување, нагласија, не само што ќе се елиминира ваквата неправда, туку и ќе се влијае позитивно врз зголемувањето на бројот регистрирани земјоделки и земјоделци и ќе се поттикне зголемувањето на бројот жени сопственички на земјоделски имот и земјиште.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, потребна е целосна вклученост на жените во заедницата, во сите сфери на општеството.
-Ова е потребно ако сакаме да зборуваме за родово сензитивно општество, за демократско општество и во тој контекст ако сакаме да кажеме дека едно општество се декларира како демократско и современо, тогаш тоа треба да овозможи еднакви можности и еднаков пристап до сите ресурси, но и еднаков бенефит од тие ресурси и за мажите и за жените, рече вчера Тренчевска на настанот „Силни жени – силни заедници“.
Само на тој начин, смета Тренчевска, може да зборуваме за општество кое се грижи за сите свои граѓани, општество кое не дискриминира и дава еднакви шанси за сите.
-Наша цел е поддршка за сите жени, креирање политики кои ќе значат подобрување на положбата на секоја жена – претприемачка, жена од рурални средини или тешко вработлива жена, жена политичарка, работничка или домаќинка. Индивидуален пристап е потребен кон секој проблем и кон секоја група поради нејзините специфики, рече министерката.
Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ за денеска во Скопје е најавен шестиот Марш за женски права. На него, како што велат организаторите, заеднички ќе се упати порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права.
Почнуваат 13-тите „Вечери на женски права“
Со меѓународна ликовна изложба „Будење 3“ и проекција на документарни филмови, од денеска до 10 март во Младинскиот културен центар и Кинотеката во Скопје ќе се одржува 13-то издание на „Вечери на женски права“.
Настанот е под покровителство на градските власти, а традиционално се организира од 2010 година.
-Настаните кои се организираат во рамките на оваа манифестација понудија алтернатива во прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, а искуствата од претходните изданија покажаа дека граѓаните на Скопје имаат огромен интерес за вклучување во активности по однос на прашања поврзани со женските права и со родовата еднаквост, соопштија од Град Скопје.
Како што е најавено во програмата, во рамки на настанот во МКЦ Галерија ќе се одржи меѓународна ликовна изложба „Будење 3“, а во кино „Фросина“ во МКЦ подоцна ќе се обратат градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, раководителка на канцеларијата на UN Women во Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред, а ќе биде прикажана и авторска монодрама „Дејт“ на Сандра Сијалџев.
Во Кинотеката утре, 9 март, ќе бидат прикажани документарните филмови „HER“ – САД во режија на Хуан Карло Бореро и Мелоди Карли, „The Dark Way“ – Иран во режија на Анахид Давари. Следниот ден ќе има проекција на документарниот филм „Caught in the Net“ – Чешка Република во режија на Вит Клушак и Барбора Чалупова.
Дополнително, во текот на март во Кинотека ќе се одржат проекции на документарниот филм „Caught in the Network“ за ученици од средните училишта на Град Скопје.
„Вечери на женски права“ се организираат во реализација на „Авард филм и видео“ и во партнерство со UN Women и Интернационалниот универзитет ЕУРОПА ПРИМА.