Вкусни пилешки залачиња во тесто …

Потребно е:
400 г сварено пилешко месо
200 г обарен кељ
3 полни лажици кисела павлака
6 јајца
3 полни лажици лебни трошки
1 китка свеж власец
1-2 гранчиња свеж магдонос
сол, бибер
500 г кори за пита
100 мл млеко
3 полни лажици брашно

Подготовка:
– Свареното и изладено пилешко месо ситно исецкајте го и ставете го во подлабок сад.

– Обарениот и изладен кељ исто ситно исецкајте го и додадете го кај пилешкото месо.

– Додадете уште 4 јајца, павлака, лебни трошки, ситно сецкан власец и магдонос и по вкус сол и бибер. Убаво измешајте за да се соединат сите состојки.

– Земете една кора, превиткајте ја на пола и на крајот ставете полна лажица од филот. Краевите благо завиткајте ги кон внатре и замотајте ја како ролничка. Повторувајте ја постапката додека да го потрошите целиот материјал.

– Во тенџере на рингла ставете масло да се загрее. Во меѓувреме изматете две јајца со млеко и брашно. Секоја ролничка благо потопете ја во смесата со јајца и ставете ги да се пржат во врело масло додека не поруменат од сите страни.

– Ролничките можете да ги послужите и топли и ладни.