Албанскиот претседател Илир Мета објави податоци на Евростат, кои покажуваат дека во последните 10 години, над 60 илјади деца ја напуштиле Албанија и првпат побарале азил во некоја од земјите на ЕУ, главно во Франција, Германија и Италија, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Според податоците објавени од Евростат, над 60.000 деца ја напуштиле Албанија и првпат побарале азил во земја на ЕУ во последните 10 години (2011-2020 година). Над 82 отсто од нив се на возраст под 14 години, наведува Мета во објава на Фејсбук.
Изразувајќи голема загриженост за „ова масовно заминување на децата од Албанија“ вели дека мора да се стори сé за да се изгради нивната сигурна европска иднина во татковината.
– Длабоко загрижен за ова масовно заминување на децата од Албанија, особено фактот дека нивната крајна дестинација е нејасна, го поддржувам барањето на Центарот за заштита на правата на децата во Албанија (CRCA/ECPAT Albania) и предлагам да се формира Парламентарна анкетна комисија, со конституирањето на новиот Парламент, вели Мета.
Тоа, посочува, со цел да ги испита нивната состојбата и локација, анализа на причините и одговорноста, како и создавање државна стратегија на „ефективни мерки со цел да се изгради конкретна државна стратегија за запирање на оваа опасна појава“.
– Повеќе од итно е да се стори сé за албанските деца и млади, да ги заштитиме нивните животи и здравје, да ја вратиме довербата и да гарантираме нови можности и простор, да се чувствуваат целосно реализирано, да ја изградат својата сигурна европска иднина во татковината, оценува Мета.