ВЕЧЕРНА…
(“НЕ ПЛАЧИ И КОГА БОЛИ”)

УТЕХА

Што сме си
еден на друг јас и ти?
Сопатници?
Не сме тоа.
Сме се разминале
во некој судбински час.
Само во сонот
оставаме стапки
од нашите чекори
низ временските мени.
Низ качунките.
По песокот на брегот.
Низ позлатените лисја.
Низ белината на снегот.
Љубовници?
Ни тоа не сме.
Страста нè спојува
во фантазијата
одвоена од јавето.
Се допираме со погледи
а душата гори.
Би биле едно тело
да си бевме судени.
Сега сме си утеха.
Само утеха.
Искра во студенилото.
Да не е претивка тишината,
да не е претемна темнината.
Насолзена насмевка.
А можеби сме си љубов.
Последната љубов.
Пропуштена.

Р. Христовска,
26 декември 2018