Албанските власти денеска го уапсија градоначалникот на Тирана, Ерион Велијај, по што премиерот Еди Рама веднаш ги откажа сите состаноци што требаше да ги одржи во Скадар во текот на денот.

Велијај денеска е уапсен од членови на Националното биро за истраги, по наредба на Специјалното обвинителство на Албанија, објавија медиумите во таа земја.

Специјалното обвинителство го истражуваше Велијај под обвинение за злоупотреба на службената положба, активна и пасивна корупција, непријавување имот и перење пари, објави албанската телевизија А2 Си-Ен-Ен.

Членови на Националното биро за истраги упаднаа во неколку деловни простории поврзани со сопругата и братот на градоначалникот на Тирана.

Премиерот Рама денеска во Скадар требаше да се сретне прво со претставници на неговата Социјалистичка партија и градоначалници на работен ручек, а потоа и со претставници на локалниот огранок на социјалистите. Неколку минути по апсењето на Велијај, Рама ги откажа сите средби и се врати во Тирана.