Премиерот и министерот за економија ја избегнуваат суровата реалност дека минималната кошничка во рок од една година поскапела за 250 евра. Инфлацијата која ја живеат македонските граѓани и која ги подрива нивните домашни буџети, за првите луѓе на Владата е тема за политичко препукување. Со слаби аргументи тие се обидуваат да го минимизираат сериозното поскапување кое го осетија граѓаните изминатава година.
Премиерот, Димитар Ковачевски, денеска изјави дека Сојузот на синдикати на Македонија, лошо ја пресметал минималната кошничка, а истото го рече вчера и министерот за економија Крешник Бектеши. Ковачевски рече дека утре во Министерството за економија ќе бидат повикани претставници на синдикалците да објаснат зошто е инфлацијата два пати пресметана.
-Постои недоследност во последнава пресметка, има двојно пресметување на инфлацијата – рече Ковачевски.
Според него и Бектеши, минималната кошничка за февруари не изнесува 51.000 денари, туку 42.000 денари. Освен тоа Ковачевски го релативизира овој проблем со објаснување дека во време на ВМРО-ДПМНЕ било полошо, бидејќи минималната плата била пониска.
-Кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт беа потребни 4,5 минимални плати, за една потрошувачка кошница. Сега се потребни 2,1 минимални плати за една портошувачка кошничка. Имаме дупло зголемување на стандардот на работниците кои работат со минимална плата. Јас сум човек кој сака напредок и ова е унапредено е во однос на она што сме имале пред 6 години – рече премиерот во интервју за „Сител“.
Инаку, минималната кошничка на ССМ пресметува колку пари му се потребни на просечно четиричлено семејство за да го преживее месецот. Од 51.000 денари, потребни за да се протурка месецот, во јануари годинава биле потребни само 20.000 денари за едно семејство да се прехрани. Застрашувачки бројки излегуваат ако кошничката се спореди со онаа од пред една година во истото време. Имено, само пред една година на просечно македонско семејство му требале 35.811 денари за да го протурка месецот.