За премиерот Ковачевски тендерот што го добила Еуровиа од МНР, би бил спорен во случај компанијата да немала најефтина понуда или ако се криела дека е донатор на ДУИ, но сепак, остава конечниот збор за случајот да го каже антикорупциската комисија..
Се огради од постапката за избор бидејќи е во надлежност на МНР, но верува дека министерот Османи донел правилна одлука согласно стандардите за одржување самит кои ги бара ОБСЕ.
„ Би било сомнително доколку некој е донатор на политичка партија и добие тендер со највисока цена, а не со најниска цена. А би било уште посомнително доколку некој добие тендер, е донатор на некоја политичка партија, а не е заведен дека е донатор на политичка партија. Е тоа ќе мора да проверите кај оние што беа претходна власт како го правеа. Доколку одредена компанија финансирала политичка партија, согласно закон тоа треба да биде наведено и треба да биде објавено како што во овој случај било објавено. Дали тоа имало влијание врз изборот, тоа треба да го провери ДКСК… изјави Ковачевски.
По вчерашната изјава на Османи дека не знаел дека Еуровиа е меѓу донаторите на ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ денеска јавно го прашаа што ќе направи сега со тендерот, кога веќе ја има информацијата…. Според опозициската партија рангирање според најниска цена се доставува до раководно лице пред потпишување на договор и Османи не можел да не знае за која фирма станува збор.
„ Власта на СДС и ДУИ додека викаат „Фатете го крадецот!“, самите тие се крадецот, потонати во криминал и корупција. И за крај, Османи е должен да одговори што ќе прави понатаму, бидејќи еве до сега не знаел, а сега знае, научил која е фирмата. Прашањето е што ќе преземе сега, дали ќе го раскине договорот кој што претходно го потпишал, или да бидеме по прецизни дали смее да го раскине истиот тој договор кој го потишал со таа фирма донатор?, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Со обвинувања за политичка корупција излегоа и од Алтернатива. Од партијата на Гаши велат дека со секојдневните скандали станува се поизвесно дека ДУИ е во слободен пад и го собира последниот арач, како што велат, за да заврши во опозиција, а многу нејзини експоненти и во затвор. Според нив, додека не се искорени оваа појава Македонија не може да направи ниту еден чекор кон ЕУ, а Албанците во оваа земја остануваат заложници на политичарите на оваа партија.