Толкување на 13-та глава од Првото послание на апостолот Павле до Коринтјаните на свети Ефрем Сириски

1. Каква ќе биде пофалбата за оној, кој во Духот добил дар да говори на овој или оној јазик? Имено, да говорам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, тогаш сум како бакар што ѕвони или кимвал, што ѕвечи (1 Кор. 13, 1). Како што бакарот и кимвалот се безживотни, бездушни предмети, и произведуваат звуци од туѓ глас или тон, така и секој кој говори на (некој) јазик, доколку не знае што вели, сличен е на бакар, оти не го разбира значењето на гласовите.

2. Против оние, кои се гордееле поради дарот на пророштво, знаење и вера, (апостолот) вели: Да имам пророчки дар – но, не онака – како вас, туку да ги знам сите тајни, и доколку, покрај тоа, ми биде дадено да ги имам сите знаења, наместо оној мал дел од знаење што вам ви е даден, ако, покрај тоа, би имал и вера, но не така мала, каква што е вашата, туку така силна вера – што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум (1 Кор. 13, 2).

3. Бидејќи некои се превознесувале над ближните – некои со изобилството на своите дарови за сиромашните, а други со страдањата за Евангелието, против нив тој рекол: И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи (1 Кор. 13, 3). Тоа е истото што го рекол и нашиот Господ: Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец небесен (Mт. 6,1).

4. Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, а вие токму спротивно постапувате во односите едни со други. Љубовта не завидува (1 Кор. 13, 4), како што вие правите.

5-7. Љубовта не го бара она што ѝ е од корист, туку она што на мнозина им користи на спасение. Значи, доколку особините што ги наброив не се јават во вас поради недостатокот на љубов, каква корист ќе ви донесе фалењето со даровите поради кои и се гордеете? Зашто „љубовта не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува“ (1 Кор. 13, 5-7)

8. Покрај сето ова, велам: Љубовта никогаш не престанува, т.е. никогаш не исчезнува, како што исчезнуваат даровите што ги имате. Исто така, и пророштвата што ги имате ќе престанат, и јазиците ќе замолкнат (1 Кор. 13, 8).

9. Оти иако по нешто знаеме, сепак, знаеме онолку колку што треба да знаеме (1 Кор. 13, 9).

10. Кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното (1 Кор. 13, 10).

11. Како што твоите детски мисли се повлекоа пред она знаење што го имаш сега, така мора да се повлече и нашето сегашно знаење пред она (знаење) со кое ќе се здобиеме во идниот век. „Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското“ (1 Кор. 13, 11).

12. Сега гледам нејасно како во огледало, додека во совршената состојба ќе гледаме вистински, што и е означено со зборовите лице во лице. Сега знам нешто, но во совршената состојба ќе знам не онака како што јас (сега) знам, туку онака, како што мене Бог ме знае, по моите дела. „Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш – лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат“ (1 Кор. 13, 12)

13. A сега, над сите дарови со кои вие се превознесувате, остануваат верата, надежта и љубовта. Мошне е важно – да веруваме дека Бог постои, да се надеваме на Оној во Кого веруваме, но и да ги љубиме заповедите на Оној, од Кого се надеваме да добиеме дарови. „А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.“ (1 Кор. 13, 13)