Протерувањето на руските дипломати од Берлин е очигледен непријателски чекор и нема да остане без одговор. Ова им го соопштија руски дипломати на новинарите во руската амбасада во Берлин.
„Потврдуваме дека на 15 декември 2021 година, рускиот амбасадор во Сојузна Република Германија бил информиран од раководството на германското МНР за одлуката на германските власти да прогласат за персона нон грата двајца дипломатски службеници во амбасадата. Ние упативме протест, нагласувајќи дека ваквите немотивирани постапки се очигледен непријателски чекор, кој нема да остане без одговор во блиска иднина“, велат од дипломатското претставништво.
Врховниот суд во Берлин претходно денеска осуди руски државјанин на доживотен затвор за убиството на Грузиецот Зелимхан Хангошвили во германската престолнина пред повеќе од две години. Судот се согласи со аргументите на обвинителството дека убиството е извршено во име на државните структури на Руската Федерација.
По одлуката на судот, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека Германија го смета убиството за „кршење на законот и суверенитетот“ и ја објави својата одлука да прогласи двајца вработени во руската амбасада за персона нон грата.