– Се чини дека судењата се одвиваа бавно и долго во основа поради две причини: затоа што начинот на изведување на доказите пред судечкиот совет не е соодветен и поради честите одолговлекувања и одложувања на закажаните расправи. Во најголемиот број судења, изведувањето на материјалните докази се вршеше пред да биде слушнат исказот на повиканите сведоци. Дополнително, се чини дека обвинителите не ги поседуваат потребните вештини и/или не се спремни да ги изберат и пред судот да ги изведат само релевантните докази со кои се потврдуваат наводите од обвинителниот акт. Што се однесува до судиите, се чини дека тие се премногу толерантни и ги прифаќаат различните барања на странките во однос на предлагањето докази, се вели во извештајот чии делови пренесува Фокус.
Во одбрана на СЈО беше обвинителката Ленче Ристоска, која спореше дел од забелешките на извештајот.
-Она што за жал на крајот СЈО успеа да го посочи, а овој Извештај јасно го покажува, е дека нашето општество не е подготвено за решавање на колосални проблеми и нема капацитет за администрирање на големи предмети. Не се обезбедени ниту законски, ниту практични услови за процесирање и успешно администрирање на големи кривични предмети во кои се вклучени поголем број на високо профилирани лица, опфатен е подолг временски период и предложени се голем број на докази, рече Ристоска.
На дебатата се вклучи и претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев и порача дека судот ги прифаќал сите докази заради недовербата кон судството.
-Точно е дека судот има право да одбие дел од предложените докази, но во услови на намалена доверба во судството, општиот амбиент но и постојаното етикетирање на судството како партизирано, судиите најчесто се решаваа да ги прифатат сите предложени докази, иако на тој начин се одолговлекува постапката. И покрај погоренаведеното, потребно е да се истакне дека сепак основна причина што судот ги прифаќаше скоро сите предложени докази беше почитувањето на правото на еднаквост на оружјето и овозможување на фер и правично судење. Впрочем, јасно е дефинирано и во ЗКП дека кривичната постапка се заснова врз активности на странките кои предлагаат и изведуваат докази, при што судењето се одвива како спор помеѓу странките со нагласена контрадикторност, рече Џолев.
Другите препораки се упатени до адвокатите на одбраната, кои треба да ги прифаќаат само оние предмети за кои се сигурни дека можат да понудат ефикасно и квалитетно правно застапување, со целосно почитување на европските најдобри практики во сферата на професионалната етика.
На судовите воглавно им се сугерира да ги одложуваат расправите само кога тоа го бараат и им оди во полза на обвинетите кои навистина не се во состојба да присуствуваат. Исто така, од судиите се бара да ги користат алатките за управување со судската постапка кои се предвидени во ЗКП и да се уверат дека во текот на судењето ќе бидат изведувани само релевантни и важни докази.
Извештајот се фокусира на наодите од следењето на судењето од гледна точка на меѓународните стандарди за фер судење. Го опфаќа периодот помеѓу 1 декември 2018 и 15 јануари 2020 година. Два прелиминарни извештаи беа објавени во август 2018 и јуни 2019 година.
– СЈО е создадено во септември 2015 година за да фрли светлина врз скандалот со прислушувања што ја доведе земјата во длабока политичка криза. И покрај тоа што случаите повеќе не се гонети од СЈО, Мисијата продолжува со мониторингот бидејќи веруваме дека присуството на набљудувачи во судницата ја подобрува транспарентноста на постапките и помага во градењето доверба на јавноста во системот на кривично право, рече Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за време на онлајн презентацијата.
Извештајот е дел од проект финансиран преку вонбуџетски придонеси, обезбедени од Бирото за меѓународни работи за наркотици и спроведување на законот при Стејт департментот на САД и амбасадите на Канада и Холандија.