Тихон ШЕВКУНОВ

За мене најмистериозниот човек во Псков-Печерскиот манастир беше отец Серафим. Потекнуваше од Остејзските барони. Дошол во манастирот на трисетина години и станал послушник на големиот старец Јеросимонах Симеон.

Отец Серафим не контактираше со многу луѓе. Живееше во ужасно влажна и темна пештера приспособена за живеење. На богослужбата беше длабоко внесен во молитвата. Стоеше со наведната глава и ќе се прекрстеше ретко, со невообичаено брзи движења на рацете, но многу побожно. Исто беше толку длабок во мислите додека минуваше низ манастирот.

Нам, на искушениците ни се чинеше дека би било вистинско злосторство да му се сврти вниманието кон нешто друго. Навистина, понекогаш самиот отец Серафим ќе ни прозбореше. На пример, кога се враќаше од Литургија во својата ќелија, тој секогаш даваше просфора на тој кој што беше на должност на портата. Кога искусниот Саша Шветсов еднаш размислувал за напуштање на манастирот, отец Серафим ненадејно и строго му пришол извикувајќи: „Не можете да го напуштите манастирот!

За шеесет години за време на монашкиот живот никогаш не го напуштил манастирот и имал обичај да каже: „Не сум излегувал од манастирот дури ни со мислите“. Мора да се признае, во 1945 година нашите војници го изнесоа од манастирот за да го стрелаат како Германец, но подоцна се предомислиле.

Иако беше повлечен и строг, отец Серафим беше невообичаено благ човек полн со љубов. Сите во манастирот го почитуваа и сакаа, иако кон него се однесуваа со страв и трепет, односно како кон човек кој живеел на земјата со Бога, т.е. како според жив светец.

Се сеќавам на едно нешто што го забележав во тие години. Едно време бев ипоѓакон на нашиот игумен, архимандрит Гаврило. Секогаш кога отец Серафим ќе влезеше во олтарот, забележав дека игуменот брзо стануваше од неговото место да го пречека и да го поздрави со посебна почит. Така се однесуваше само кон отец Серафим. Отец Серафим секое утро, точно во четири часот, и тоа не гледајќи дали е зима или лето, ќе излезеше од својата ќелија и ќе го обиколеше манастирот за да провери дали се е во ред.

После тоа се вратеше во ќелијата за да запали оган, а поради влажноста во ќелијата тоа го правеше во текот на целата година. Мислам дека отец Серафим се доживуваше самиот како посебен чувар на манастирското семејство, а можеби и таа задача навистина му беше доверена. Во секој случај, зборот на тој германски барон, исклучителен монах и подвижник кој можеше да ја види и иднината и да ги чита туѓите мисли, секогаш бешел одлучувачки во решавањето на најсложените манастирски проблеми.

Отец Серафим ретко даваше посебни поуки. На ѕидовите на неговата мрачна пештерска ќелија беа листови со цитати од делата на свети Тихон Задонски, па оние што доаѓаа кај него мораа да се задоволат со тие цитати или совети од отец Серафим: „Читајте го свети Тихон што почесто“, знаеше да им каже на луѓето што доаѓаа кај него по совет.

Во текот на сите години од животот во манастирот, отец Серафим се задоволуваше со минимум, и тоа не само кога стануваше збор за храна, спиење и контакт со луѓето, но и со сите други работи. Така, на пример, никогаш не се тушираше, но доволни му беа две-три кофи вода со кои се капеше. Кога почетниците го прашале зошто не користи туш, бидејќи вода има колку што ти сака душата, промрморел дека да се тушираш е исто какои да јадеш чоколадо.

Во 1983 година имав можност да го посетам манастирот Дивјаево. Тогаш тоа беше многу потешко бидејќи во близина на манастирот имаше воен град од затворен тип. Старите монахињи на Дивјеево ми подарија парче од каменот на кој се молел преподобен Серафим Саровски. Му го подарив на отец Серафим тоа светилиште што беше поврзано со неговиот духовен покровител. Откако го прими неочекуваниот подарок, отец Серафим тивко стоеше долго време, а потоа ме праша:

– Што можам да направам за тебе за возврат? Искрено се зачудив па му одговорив: – О, ништо… И тогаш излезе она што беше длабоко скриено во мојата души: – Молете се да се замонашам!

Се сеќавам како внимателно ме погледна, а потоа тивко ми рече: – Најважно е што навистина го сакате тоа и одлучувате за тоа по своја слободна волја.

Ми ја спомна желбата за монаштво уште еднаш и тоа по многу години и во сосема други околности. Јас веќе бев во Москва, на послушност кај владиката Питирим, а отец Серафим ја живееше последната година од својот земен живот и речиси не стануваше од кревет. Кога стигнав во манастирот, застанав до пештерската ќелија да го видам. Одеднаш започна разговор за манастирот и за моменталната положба на монаштвото. Беше многу необично, особено за него и затоа исклучително скапоцено за мене.

Се сетив на неколку нешта од тој разговор. Најпрво, отец Серафим зборуваше за манастирите со огромна, со едноставно неискажлива љубов, како најголемо богатство што го имаме:

– Не можете ни да замислите што е манастир! Тоа е она вистинското, бисер, неверојатна скапоценост во овој наш свет! Ќе го сфатиш тоа подоцна. А потоа го спомна најголемиот проблем на денешното монаштво: – Проблемот со денешните манастири е што луѓето во нив неволно заминуваат.

Сега се повеќе и повеќе ја сфаќам длабокоумноста на таа негова мисла. Кај нас самопожртвуваноста и самоодрекувањето се се помалку присутни, вклучително и решителноста да се посветиме на монашкиот подвиг, што го импресионираше отец Серафим додека ги набљудуваше младите членови на монашкото семејство.

Конечно, тој го кажа она што ми беше најважно: – Помина времето на големите манастири. Сега ќе вроди со плод создавање на мали монашки семејства во кои игуменот ќе може да се грижи за духовниот живот на секој монах. Запомнете дека дури и да станете игумен, не ви се потребни многу браќа во манастирот.

Во 1989 година, тоа беше нашиот последен разговор. Јас дури и тогаш не бев ни монах, туку обичен почетник. Јас и моите манастирски пријатели воопшто не се сомневавме во тоа дека отец Серафим е прониклив. Но, на разговоите за тоа, отец Серафим изгледаше смирено и малку скептично. Еднаш рече:

– Сите зборуваат за тоа дека отец Симеон бил чудотворец, а и прониклив. Долго време живеев до него, но ништо од тоа не забележав. Тој беше само добар монах.

Но, моќта на духовниот дар на отец Серафим ја имам почувствувано на своја кожа неколку пати. Во летото 1986 година, во една прилика поминувајќи покрај ќелијата на старецот забележав дека тој сака да ја замени сијалицата. Му помогнав да го направи тоа. Отец Серафим ми се заблагодари и рече:

– Архиепископот одведе еден послушник во Москва на послушание. Мислевме дека е на некое време, но тој остана таму.

– Па што? – прашав!

-Ништо! – рече отец Серафим, се сврте и влезе во својата ќелија.

Збунет, продолжив по својот пат. Каков почетник? Кој архиепископ? По три дена ме повика архимандритот Гаврило и ми кажа дека само што му се јавил од Москва архиепископот Волоколамски Питирим. Владиката Питирим дознал дека во нашиот манастир се наоѓа искушеник со високо филмско образование па го замолил нашиот игумен да му го испрати во Москва. Итно им требало стручно лице за филм и телевизиски програми по повод илјада годишнина од крштевањето на Русија. Таа прослава требаше да се случи за две години. Јас бев почетникот за кој зборуваа.

Не помнам дека имав полош ден во животот. Го молев отец Гаврило да не ме испраќа во Москва, но тој веќе донел одлука. На моите молби тој цврсто пресече: – Нема да се расправам со Питирим поради тебе! – ми рече.

Дури подоцна дознав дека мајка ми долго време го молела да се вратам во Москва, се со надеж дека ќе ме одврати од монашкиот пат. На отец Гаврил му беше многу жал за мајка ми, па едвај чекаше прилика да ме врати кај мојата неутешена мајка.

Се разбира, веднаш се сетив на разговорот со отец Серафим за искушеникот, архиепископот и Москва, па побрзав во неговата ќелија. – Таква е волјата Божја! Не биди тажен. Ќе видите дека се ќе излезе добро – рече старецот нежно.

Ми беше многу тешко повторно да живеам во Москва. Најтешко ми беше кога ќе се разбудам навечер и ќе сфатам дека стотици километри подалеку, постои прекрасен и неспоредлив свет – манастир со отците Серафим, Јован, Натанаил, Теофан и Александар, а јас сум во Москва, каде што нема ништо слично.

(Од книгата „Несвети, а свети“)