Со укинувањето на забраната за движење меѓу региони, од петок, во Грција се воведуваат правила за внатрешните патувањата со брод или авион кон островите, односно грчката верзија на „Green Pass“ ќе биде задолжителна за сите патници, јави дописничката на МИА од Атина.
Заменик – министерот под премиерот задолжен за координација на работата на Владата Акис Скерцос попладнево ги соопшти дека новите правила кои пред сè, се однесуваат на грчките државјани, со оглед на тоа дека за туристите и онака „Green Pass“ ќе биде задолжителен за влез во земјата.
За патувања на островите, во пракса значи дека потребно ќе биде да се покаже или сертификат за вакцинација (да се поминати две седмици од втората доза), или негативен тест (направен 72 часа претходно доколку е ПЦР или 24 пред патувањето ако е селф тест/рапид тест) или потврда за прележан Ковид-19 (два месеци по заразувањето и до најмногу девет месеци).
Авионските и морските компании задолжително ќе вршат контроли, дали патниците имаат некоја од горенаведените потврди, кои важат и за грчките и за странските државјани со наполнети пет години.
За патувањата на Грците со автомобил, во континенталниот дел на Грција, тестовите не се задолжителни, но постои силна препорака за спроведување пред патувањето.