Пробен балон за да се отвори простор за евентуално учество на опозицијата во работната група или личен став за можен компромис – изјавата на професорот по уставно право Александар Спасеновски повторно го предизвика премиерот Димитар Ковачевски да ја покани опозицијата да учествува во работата на експертската група.

Сите предлози кои ги има, опозицијата може да ги поднесе до Комисијата за уставни прашања, која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму да се дебатира.

„Слободно нека ги донесат сите свои предлози во Комисијата за уставни прашања, која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе може да се разговара“, порача премиерот.

Ставовите на опозицијата, додаде Ковачевски, јасно е дека се менуваат на дневно ниво.

„Бидејќи гледаме, прво беше хрватски модел, сега грб, така што, ставовите на дневно ниво таму се менуваат. Ќе видиме до крај како ќе биде“, рече премиерот.

Коментирајќи во оваа насока, Ковачевски додаде дека и без поддршка од опозицијата, земјава станала членка на НАТО, а наскоро, како што кажа, ќе стане членка и на Европската Унија.

„Дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има, иако опозицијата не го поддржа. Ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот со Фронтекс, за којшто утре почнува имплементацијата, каде што за првпат имаме македонски јазик со сите други јазици на ЕУ. Опозицијата ни тоа не го поддржа. Кажаа дека биле на пауза во Собрание. Сите биле внатре, тие биле на пауза, не слушнале кога ѕвонело ѕвончето. Така што, такви изговори од трето одделение не поминуваат“, изјави Ковачевски.

Од Владата неколку пати ги повикаа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, наместо по медиуми и со соопштенија, предлозите, идеите и забелешките за уставните измени да ги даваат во работната група, каде што ќе може претставниците на партиите и експертите заеднички да дојдат до решение, кое потоа ќе биде презентирано пред пратениците.

ВМРО-ДПМНЕ вчера се огради од предлогот на Александар Спасеновски дека треба да се бара креативно решение за да пројдат уставните измени, а такво нешто може да биде – промената на државниот грб.

 „Сите овие прашања произлегуваат од чувството кај Македонците дека во континуитет нешто губат и од нешто се откажуваат. Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност. Тоа се одделни процеси и какво било нивно поврзување го нарушува процесот на носење нов државен грб за кој веќе постои консензус во минатото“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлогот на Спасеновски.

Според нив, проблемот во оваа држава не е опозицијата, туку проблемот на државата е премиерот повторувач кој заглави во третото одделение.

Единствената пролазна оценка на Ковачевски му е криминалот што најдобро се гледа преку изградбата на Коридорот 8, каде нема ставка од договорот каде безочно не се краде на ангро.Ковачевски може да биде лут што ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа сите предавнички договори на СДС и ДУИ, но за нас поголема грижа е што илјадници семејства се гладни, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, најголемата опозициска партија го предложи хрватскиот модел на внесување на заедниците во нивната Преамбула на Уставот, како модел со кој тие би го поддржале внесувањето на Бугарите во Уставот.

Во меѓувреме, работната група која треба да работи на уставните измени никако да се екипира, и покрај тоа што уште пред 3 недели од ова министерство најавија дека експертската комисија ќе почне да се состанува наскоро. Последната информација е дека во наредните неколку денови треба да бидат објавени имињата на експертите кои ќе бидат дел од ова тело. Минатата недела беа објавени имињата на претставниците на политичките партии и институции кои ќе бидат дел од работната група.

Работната група ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не се само бугарско барање, туку е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, односно се услов поставен од Европската Унија. Власта и покрај непопустливоста на опозицијата се надева дека ќе може да ги направи уставните измени до есен, за веднаш да почне отворањето на поглавјата во преговорите со Унијата.