Студентите од Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово, Блерон Велиу и Арди Лена се повикани во тетовската Полициска станица, по поднесена пријава од нивната професорка Бесиана Мехмеди за незаконско снимање. Блерон Велиу, студент од трета година е од Косово. Тој за ТВ21 раскажа дека бил пријавен бидејќи професорката Мехмеди се сомнева дека тој ја снимил и објавил расправијата што се случила на факултетот.
-Професорката Бесиана ме обвини дека на 21 март 2022 година сум ја снимил и истиот датум сум објавил на Јутјуб. Тоа не е точно. Јас не ја снимав и не знам кој го објавил тоа. Тоа го дознав од вас. Ние бевме излезени на кафе кога вие ни се јавивте за изјава-вели Велиу.
И студентот Арди Лена бил повикан во полиција, но со оглед на тоа дека се наоѓа во родниот град Струга, изјава пред полициски службеници ќе даде таму.
-Бев поканет јас и студентот Арди Лена. Не, не се појави, ќе му стигне писмо во Струга и таму ќе даде изјава-
Поразговаравме и со студентот Лена, кој ни рече дека сѐ уште нема добиено никаква покана од полицијата во Струга. Околу овој случај, ТВ21 побара став и од професорката Мехмеди, но не добивме одговор. Со реакција се јави и опозициската Алијанса за Албанците.
-Обвинувањата против студентите за незаконско снимање и објавување не држат вода, бидејќи снимката е направена во јавна установа, а не во некоја приватна куќа, додека јавниот интерес е многу поважен од личниот. По пријавата од студентите, полицијата треба да отиде во Кичево и да го уапси лицето кое вршело насилство врз студентите, а не студентите кои собраа храброст да го пријават овој скандал-велат од Алијанса за Албанците.
Пред три дена на Јутјуб беше објавена аудио-снимка на која се слуша тензична расправа меѓу студентот Арди Лена и професорката Бесиана Мехмеди. Лена потврди дека дошло до вербална расправија, додека професорката Мехмеди на Фејсбук напиша дека снимката е монтирана.