Денеска во Македонија одекна веста дека косовската вода „Ругове“ е забранета за употреба од Агенцијата за храна и ветеринарство поради контаминираност со бактерии. КУРИР дознава дека токму оваа вода долг период се користи во администрацијата на Град Скопје на Данела Арсовска. Курир ги предупредув вработените и членовите на Советот на град Скопје за фактот дека е утврдената контаминација од страна на АХВ.

„Поради добиен лабораториски наод позитивен на колиформни бактерии кај изворската минерална вода „Ругове“ по потекло од Република Косово, спротивно на одредбите од Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода, под засилен инспекциски надзор ставен е и увозот на сите пратки со изворска минерална вода од оваа земја, соопшти денеска АХВ.

Под засилен инспекциски надзор во однос на микробиолошките критериуми за безбедност на храната се и пратките со безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, каде во една пратка, со лабораториска анализа утврдено е присуство на аеробни бактерии. За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми согласно Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната“, информираат од агенцијата.

Советници од Советот на град Скопје и новинари кои биле на седниците ни потврдија дека токму контаминираната вода „Ругове“ од Косово се користи во Град Скопје, присутна е на сите седници на Совет на град Скопје и е во секојдневна употреба во градската администрација. Останува нејасно како при толку македонски природни и квалитетни води, токму косовска фирма го добила тендерот во Град Скопје. КУРИР испрати барање до надлежните во градската администрација со прашање кога и врз кој основ, за колкава количина и за колкава сума е склучен тендерот со косвската фирма за вода. До сега, не добивме никаков одговор.

Индикативно и симптоматично, честопати водата била нудена на новинарите без етикети, т.е. со извадени, одлепени етикети за да се сокрие потеклото, иако на делови од флашата и тапата се гледало за каква вода се работи.

Остануваме во очекување на информациите од Град Скопје за водата Ругове, штом ги добиеме КУРИР веднаш ќе ги пренесе до граѓаните.

Извор: Курир