Во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14), што се одржува во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за рударство и енергетика на Република Србија, задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект од стратешко значење за енергетската безбедност и диверзификација на снабдувањето со гас во регионот.
Двете соговорнички се согласија дека проектот треба да се реализира во забрзана динамика, со цел да се овозможи поврзување на гасните системи на двете земји и пристап до нови извори на гас.
На маргините на форумот Дополнително, во Министерството за енергетика на Македонија се одржа работен состанок на кој се дискутираше координацијата на институциите и операторите во двете земји за реализација на проектот. Ба разгледани процедурите и техничките чекори за понатамошно убрзување на активностите.
„Гасниот интерконектор со Србија е еден од најважните регионални инфраструктурни проекти што ќе овозможи вистинска енергетска стабилност и сигурност. Овој проект не е важен само за Македонија и Србија – тој е значаен и за цела Европа. Со оваа нова енергетска врска, двете земји добиваат пристап до алтернативни извори и рути, а Европа добива посилен и подобро поврзан Балкан. Ова е чекор што ја позиционира нашата земја како активен и одговорен партнер во новата енергетска карта на Европа. Нашата заедничка цел е овој проект да се реализира во најкраток можен рок – затоа што секој ден е важен за нашата енергетска иднина. Со заеднички напори ќе го реализираме овој проект, во тесна координација и постојана комуникација со нашите партнери од Србија “ изјави министерката Сања Божиновска.
„Гасниот интерконектор со Македонија е проект кој има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визијата за регион кој е енергетски поврзан, сигурен и усогласен со европските цели. Србија и Македонија заедно покажуваат дека со партнерство и заедничка стратегија можеме да обезбедиме стабилна и предвидлива енергетска иднина. Соработката меѓу нашите две земји во областа на енергетиката е пример како регионалното партнерство може да донесе конкретни резултати. Соработката со колешката Божиновска и со македонскиот тим е интензивна и исклучително конструктивна. Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Имаме јасна динамика, завршени студии и поддршка од европските институции. Следниот чекор е координирана акција за изградба. Заеднички ќе работиме на тоа интерконекторот да стане реалност во најскоро време,“ истакна Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за меѓународна соработка и европска интеграција во Министерството за рударство и енергетика на Србија.
Информации за проектот „Гасен интерконектор Србија – Македонија“
•Цел: Воспоставување двонасочна врска за транспорт на природен гас меѓу Северна Македонија и Србија, со што ќе се овозможи пристап до нови извори на снабдување.
•Меморандуми:
-Владите на двете земји потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на интерконекторот.
-Националните оператори „Србијагас“ и „Номагас“ потпишаа меморандум за соработка со цел забрзување на реализацијата на проектот.
•Технички карактеристики:
-Должина: приближно 70 километри (47 km во Србија и 23 km во Македонија)
-Рута: во Македонија ќе биде поврзан со постојниот гасовод кај Клечовце, а во Србија со гасоводот во Врање.
•Значење: Проектот претставува стратешка енергетска врска што ќе овозможи диверзификација на изворите на гас, поголема енергетска сигурност и регионална интеграција на гасните пазари.
Двете страни ја потврдија својата посветеност да продолжат со интензивна координација на институционално и техничко ниво, за интерконекторот Македонија – Србија да стане функционална енергетска врска во интерес на граѓаните и економијата на целиот регион.




