5. Во деновите на Ирода, царот Јудејски, живееше еден свештеник по име Захарија, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Елисавета.
6. И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка.
7. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари.
8. Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред,
9. според обичајот на свештениците, нему му се падна ждреб да влезе во храмот Господов и да покади.
10. А целиот народ се молеше однадвор, за време на кадењето.
11. Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник.
12. Захарија се уплаши кога го виде, и страв го опфати.
13. Но ангелот му рече: „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован.
14. И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање.
15. Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си;
16. и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог;
17. и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господа народ совршен.”
18. И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна.”
19. Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост;
20. и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.”
21. Народот го чекаше Захарија и се чудеше што се забави во храмот.
22. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.
23. И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома.
24. По тие дни зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи:
25. Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето.
(Од Евангелието според Лука, 1: 5-25)