Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Се празнува десет дена по Спасовден, а педесет дена по Велигден. Се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден, туку и зашто настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.
Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените и обичаите што на овој ден се изведуваат, а се поврзани со тие верувања.
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. На овој празник редовно му претходи Задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци. Овој ден меѓу народот е познат и како „Мртва сабота“.
Во новиот завет, Педесетница е денот кога се слави споменот на дарување на светиот Дух на апостолите.
Тој ден апостолите биле на едно мест во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто Јуда се обесил, но испразнетото место го зазел Матеј, кој бил избран со коцка, за вкупниот број на Христови ученици повторно да биде дванаесет. Околу девет часот наутро, се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите.
По овој настан апостолите почнале да зборуваат на различни јазици, а многубројниот народ што се собрал поради силниот шум, помислил дека тие се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој им објаснил на луѓето дека апостолите не се пијани, туку се исполнети со светиот Дух. По ова, околу 3000 луше се крстиле.
Овој празник се нарекува и Света Тројца, зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи.
Во народното верување овој празник најмногу се врзува за душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден, душите на умрените се слободни. Старо верување е дека на Духовден мртвите разговараат, па кој сака да ги чуе, да го стави увото на гробот и ќе чуе како шепотат како пчели да брмчат.
А бидејќи душите на умрените се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Посебно тоа го прават во саботата пред Духовден. А, кога ќе дојдел овој празник, како што запишал М. Цепенков, „веќе ќе и спотераат ангелите да и носат пак на небеси, да и затворат во рајот“. И Е. Спрострамнов запишал дека на овој ден, затоа што се затвора рајот, мртвите ги мамеле со ореова гранка.
На Духовден се раздава за душа. Тоа се прави за да се задоволат мртвите, зашто пред да бидат затворени, треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа, човек не смее ништо да јаде пред да раздаде.
Марко Китевски: Македонски празници и празнични обичаи