Македонија ќе го отвори Уставот непосредно пред стапувањето во ЕУ и тогаш ќе се вградат во него и помалите етнички заедници кои живеат во земјава а не се наведени во највисокиот правен акт во државата. За Софија, пак, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор и постои систематско кршење на правата на граѓаните на Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација.
Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дали Бугарите ќе бидат вметнати во нашиот Устав, рече дека пред самото пристапување во ЕУ се отвора Уставот со цел да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ, и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници кои се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него.
– Уште пред неколку години се отвори ваква дебата на барање на Хрватите во државата, но и на Црногорците. Ние последни го следиме примерот на сите европски земји, односно земјите посебно Балканот, јас ја кажувам Хрватска, еве Албанија веќе тоа го направи. На своето пристапување, на моментот на пристапувањето на ЕУ се отвора Уставот затоа што мора да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници коишто се присутни и живеат во нашата земја а не се вградени во Уставот. Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето, истакна Заев.
Запрашан дали доколку бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, со оглед на тоа дека има и Македонци во Бугарија, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.
– Тоа е право на Бугарија. Секојпат е убаво да се има реципроцитет, но мешањето во внатрешни работи на соседните земји не е порака на пријателство. Тоа останува на нив. Јас го кажувам како наша потреба, а не заради тоа што Бугарија бара, рече Заев.
Бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен за време на посетата на австрискиот град Салцбург изјави дека Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Македонија со бугарска самосвест.
Според Радев, Бугарија принципиелно и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која, сепак, вели, не треба да биде ограничена на формалните фази во процесот на пристапување и не може да им штети на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности. Во врска со постигнувањето напредок во европската интеграција на Република Македонија, шефот на бугарската држава изјавил дека очекуваат јасна политичка волја од соседната земја за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, потпишан во 2017 година.
Тој додава, дека иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сепак, сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор.
Според бугарскиот претседател, напредокот и решавањето на овие прашања зависат исклучиво од политиките на Република Северна Македонија, со која Бугарија повеќепати изразила подготвеност да води конструктивен и отворен дијалог. Според Радев, ова е начинот да се создаде клима на доверба и да се постигнат конкретни и неповратни резултати што ќе доведат до почеток на преговори за членство во ЕУ. Во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија, неговата земја, вели тој, е подготвена да работи на постигнување напредок на чувствителни теми и на решенија прифатливи за двете земји.
Бугарскиот политиколог Огнен Минчев изјави дека Бугарија не е заинтересирана да бара признавање на „бугарско малцинство“ во Северна Македонија. Како што објави на неговиот Фејсбук профил, врз база на билатералната бугарско-македонска декларација од 1999 година е утврден принципот земјите да имаат обврска да ги почитуваат индивидуалните права на своите граѓани на самоидентификација и слободно изразување на својот идентитет во доброволни здруженија во сферата на граѓанското општество.
Минчев во објавата додава дека бугарската држава признава рамноправни граѓани, а не малцинства и мнозинства.
– Крајно време е во бугарските институции, најмногу во Министерството за надворешни работи, да започнат да раководат компетентни луѓе и да се запре донесувањето парцијални одлуки. Големата „беља“ што ја направија разни „патриоти“, не може да биде поправена со нови „идиотски решенија“, извадени од контекст и национален интерес, вели Минчев.
Во петокот вршителот на должност шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев изјави дека Министерството за надворешни работи би сакало Бугарите во Северна Македонија да бидат впишани во Уставот на земјата заедно со останатите наброени народи во него.
Во однос на Предлог-резолуцијата за утврдување на државните позиции во преговорите со Бугарија премиерот Заев вели дека со амандман ќе се интервенира во неа за да стои уставното име на земјата – Република Македонија и оти за тоа владејачкото мнозинство само ќе обезбеди гласови. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од гласање по амандманот, според него, е затоа што тие, како што рече, ја прифаќаат реалноста, но уште стојат на ставот за непризнавање на Преспанскиот договор. Сепак, смета Заев, најважно е резолуцијата да биде донесена и да се испрати порака на единство.
– Само така тоа ќе биде уставно исправен документ, а сите заедно ќе ја гласаме резолуцијата со што ќе испратиме порака на единство дека сакаме решение со Бугарија, но и оти знаеме што е дозволиво, а што не, рече Заев.
На вчерашната средба во Скопје на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров со италијанскиот заменик министер за надворешни работи Бенедето Дела Ведова, беше порачано дека Скопје треба да ги почне преговорите со ЕУ, без попречувања поради билатерални прашања.
Владиниот Секретаријат за европски прашања соопшти дека главниот фокус на средбата е беше ставен на важноста на политиката на проширување за обезбедување заедничка европска иднина со која ќе се надградат политичките и економските односи на Италија со земјата и регионот, со посебен акцент на предизвиците и пречките на Македонија на патот кон ЕУ.
– Интеграцијата на С. Македонија и регионот во европското семејство на народи ќе ја зацврсти стабилноста и кохезијата на Унијата бидејќи станува збор за заокружување на процесот на обединување, истакна вицепремиерот Димитров.
Справувањето со КОВИД-19 кризата, наведе Димитров, ја истакна неопходноста од придвижување на политиката на проширување и комплетирање на Европа со Западниот Балкан, што пак претставува можност за развој на модалитетите за продлабочување на билатералната соработка.
– Влогот на ова прашање е голем и европските вредности и интеграции не смеат да бидат во заложништво на билатерални прашања, порача вицепремиерот Димитров.
Од италијанска страна е потврдена силната поддршка за реализирање на европската перспектива на Македонија за што е неопходно отпочнување на преговорите за членство со Унијата што е можно поскоро, како и влијанието на ова прашање врз европската иднина на регионот.
И на средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, Дела Ведова информирал дека ставот на италијанската Влада е што поскоро отворање на преговарачката рамка, а отворените билатерални прашања да немаат влијание врз процесот на евроинтеграција и за италијанскиот предлог во идните дискусии во конференциите за „Иднината на Европа” задолжително да се вклучат младинските политики, односно гласот на младите, и тоа не само од земјите членки на ЕУ, туку и од земјите од Западен Балкан.