Премиерот Зоран Заев го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во теквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, му честитал на сребрениот олимпиец Георгиевски и со внимание се запозна со искуството на младиот спортист од настапот на олимписката спортска арена во Токио.

На средбата, премиерот Заев му се заблагодарил на Дејан Георгиевски за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио и истакнал дека тој е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.

За време на разговорот нагласил дека успехот на Георгиевски е поттик за Агенцијата за млади и спорт да ги унапреди условите за развој на теквондото и другите олимписки дисциплини за кои постои широк интерес меѓу младите.

Владата на 93-та седница ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.