Вчера ТВ 21 од свои извори објави дека новиот мандатар и наследник на Заев ќе биде личноста која ќе седи до Заев на средбата со Гаши.

Во Клубот на пратеници, на средбата, Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски.

Средбата следува откако пред неколку дена Заев упати покана до Гаши за разговор по неуспешниот обид за изгласување недоверба на Владата.

Претходно Заев, во изјава за „Фокус“ негирал дека денеска на средбата во Клубот на пратеници, би се појавил идниот мандатар на Владата.

„СДСМ треба да избере прво претседател. Целото членство гласа за избор на претседател на СДСМ. А, мандатарот може да биде само претседател на СДСМ“, вели Заев во изјава за Фокус.

Сепак, медиумите не престануваат да тврдат дека нивни извори го велат токму тоа шро го објави ТВ 21, а тоа е дека Ковачевски е веројатниот иден претседател на СДСМ и мандатар, па почна да се објавува и неговата биографија.

Сепак, Заев рече дека претстои процес на избор од страна на членството на СДСМ и оти партијата преку непосредни избори ќе одлучи кој ќе биде идниот лидер.

А, за денешното присуство на Ковачевски на состанокот со Алтернатива, Заев рече дека тој е член на Извршниот одбор на СДСМ и претседател на партиската Комисија за финансирање и буџет, како и докажан кадар кој комплетно е подготвен да помогне во денешните разговори.