Претседателот на Владата, Зоран Заев, и претседателот на политичката партија Алтернатива, Африм Гаши, со своите тимови, имаа работна средба во Клубот на пратеници, соопшти владината прес служба.
На средбата беше постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата.
Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На тој начин ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се КОВИД-19 пандемијата и глобалната енергетска криза.
Започнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, пришто се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт.
Во деновите што следат, ќе продолжат консултации во партиите, по што ќе следи и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернатива, Гаши со нивните тимови, информираат оттаму.
Гаши пред средбата изјави дека на земјава не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори и оти неговата партија е – како што рече – подготвена да придонесе за да се надминат економската, политичката, здравствената и енергетската криза. За новиот мандатар Гаши рече дека е прашање на СДСМ за кое не сакаат да навлегуваат.
„За нас е важно концептуално да се договориме и одговорноста што ја преземаат политичките партии, во овој случај СДСМ, треба да се договориме концептуално, а кадровските решенија на партиите не можеме да ги оспоруваме“, изјави Гаши.
Според неофицијални извори на ТВ Алсат, Алтернатива го сака Министерството за здравство и едно вицепремиерско место од четирите колку што постојат. И покрај тоа што Алтернатива смета дека е сè уште рано да се зборува за поделба на ресорите, неофицијални извори велат дека Беким Сали е името кое се спомнува во партиските тела за министер за здравство.