Не се постигна договор во првиот вистински момент да се излезе на избори, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев, по завршувањето на лидерската средба попладнево. Според него, тоа го потврдуваат Комисијата за заразни болести, уставните одредби, па дури и ОБСЕ/ ОДИХР. Првиот термин за избори, по укинувањето на вонредната состојба и врз основ на Уредбата со законска сила, според него е 21 јуни.

СДСМ, додаде Заев, допрва ќе размислува дали без опозиција ќе оди на избори.

-Неодговорност, незрелост и мислење само на партиската фотеља не доведе до тоа да не дојдеме до консензус, рече Заев.

Според лидерот на СДСМ, однесувањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е на штета на државата, обвинувајќи дека тој се плаши од граѓаните и гласањето.

-Сакаат да се одолговлекуваат здравствената и економската криза, за да креираат нова политичка криза. Ние тоа нема да го дозволиме, рече Заев.

Изборите се одредени, истакна тој, по завршување на вонредната состојба продолжуваат изборните дејствија.

-Сметаме дека можеме да организираме избори. Техничката Влада чија првенствена улога е да организира избори паралелно со мерките за заштита на граѓаните треба да ги рестартира и предизборните процеси за органзизирање слободни, фер и демократски избори, со целосна заштита на здравјето на граѓаните. Очекувам да се подготват и сите процеси на институции задолжени за изборите, пред се на ДИК, рече Заев.