Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил објави дека многу често и подолго време јавно говори за злоупотребата на историјата во политички цели и оти поранешната власт преку обидот за антиквизација успеа да ја скара земјава со сите соседи и цела деценија да ја држат во изолација.
– Јас многу често и подолго време јавно говорам за злоупотребата на историјата во политички цели. Така беше и на интервјуто за грчката телевизија Алфа на која бев прашан и одговарав за минатите штетни политики на национализам и антиквизација.
Не може мене да ми се накалемува нешто што не јас, туку Груевски и неговата идеолошка машинерија го правеа 10-11 години.
Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита и нивните послушници квазиексперти кои тргнаа во медиумска офанзива да оправдаат идентитетски инженеринг.
Не македонскиот народ, туку Груевски и неговата пропаганда спроведоа идентитетски инженеринг за да насадат нешто што не е природен, ниту суштински дел од македонскиот национален корен.
Спроведоа масивна и масовна културолошка операција наречена антиквизација за да букефализираат цел еден народ и со тоа да нѐ скараат со сите соседи. Им успеа цела деценија да нѐ држат во изолација.
И додека врвеа и ги поттикнуваа наводните дебати за тоа кои сме и што сме, нѐ фрлија во изолација и ги фрлија во мрачните подруми нашите приоритети – ЕУ и НАТО. Го уназадија и блокираа целиот процес.
И додека го правеа тоа, зад таа димна завеса, ги извршија сите криминали и политички злосторства заради кои сега се соочуваат со правдата, пишува Заев на својот фејсбук профил.
Јас, додава, ја вложив целата моја политичка сила за да решам прашања за иднината и за сите идни генерации.
-Нашата земја и нашиот народ се справија со антиквизацијата и јас ќе продолжам да зборувам јавно за потребата од мир и соработка на Балканот, но и за моментите од заедничката историја кои ги спојуваат и поврзуваат нациите, потенцира Заев во својата објава на Фејсбук.