Вечерва во Битола пред насобраните граѓани СДСМ одржа граѓанска трибина на која говореа граѓанската активистка и театарски режисер Софија Ристевска, кандидатот за градоначалник Христо Кондовски и претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Ристевска во своето обраќање кон граѓаните рече:
Запомнете едно, ние граѓаните сме најважни, нам ни треба хуман град со хуман градоначалник кој е солидарен со сиромашните и болните. Ние заслужуваме таков град. Затоа најважно на 31 октомври да гласаме за иднина за надеж за солидарност за напред а не назад! И на 1-ви кога ќе победи Кондовски ние сме тие граѓаните кои ќе му тропнеме на порта и ќе му речеме Христо ти вети а сега ќе го исполниш. Ние сме тие кои ќе движиме напред заедно со него. Ви порачувам од победничка Битола – да не се врати никогаш едноумието.
Кандидатот за градоначалник Кондовски истакна дека ќе се бори за секоја една битолчанка и битолчанец да ги уживаат удобностите на 21 век тука дома. Преку градење на локална и современа инфраструктура, преку враќање на младите и кревање на секој еден капацитет со кој што располага општината.
Локалниот економски развој во Битола е приоритет. Трудот и маката на секој треба да се вреднува, а локалната самоуправа е тука за да создава клима и можности. Како приватник сум го докажал тоа и сите искуства можам да ги пресликам во општината, додаде Кондовски.
Претседателот на СДСМ – Зоран Заев на граѓаните им порача дека сиот фокус сега треба да биде ставен на мобилизацијата на членството, на нашите соседи, роднини, пријатели и познаници да излезат и да дадат поддршка за нашите кандидати кои се во вториот круг. Важно е да добиеме што е можно повеќе градоначалнички места каде го трчаме вториот изборен круг. Секоја општина е важна, но особено е важно да ја задржиме Општина Битола. СДСМ учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните.
Со чист образ, сакам да побарам од вас да дадeте шанса за земјата и општеството да продолжат да се движат кон иднината, наместо да се враќаат во минатото. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел. Во име на се што постигнавме досега, сакам да пратам порака на заедничко делување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, во огромна неизвесност и криза, додаде Заев.