Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во Радовиш оствари средба со граѓаните и со пензионерите и ги повика на 31 октомври обединети заедно да ја донесат победата, за најдоброто.Истакна дека Радовиш е социјалдемократски град, неколку изборни циклуси наназад бил единствен, сега повторно е единствен, а во единството била и победата, и силата, и успехот и среќата.
Нагласи дека на 31 октомври Радовиш ќе победи.
– Во изминатите четири години и на централно и на локално ниво сме воделе грижа за сите аспекти за граѓаните, отворивме илјадници работни места, невработеноста е падната на 15,9 отсто, платите растат во просек и минималната и просечните во просек за над 6.300 денари, над 100 евра, комплетно економијата е раздвижена, сите крупни прашања во државата се решени, рече Заев, додавајќи дека предизвикот во наредните 4 години е економија, економски стандард, работни места, опции за младите да ги бираат работните места.
Лидерот на СДСМ подвлече дека е многу е важно да се обединат сите, да пружат рака на сите, бидејќи како што рече „ние не сме си противници“.
– ВМРО-ДПМНЕ е нашиот противник, а вие сите знаете што може да донесе, молк, страв, режим закани, уцени, секаков вид на терор и овие денови веќе го покажаа, тоа повеќе нема да го дозволиме, рече Заев.
Тој додаде дека тука е и поддршката од коалицијата од ТДП, ТХП и либералите.
– Сите сме заедно, коалицијата е стабилна, јас верувам дека ќе можеме и овие денови пред изборите да објавиме кое е новото мнозинство, работиме на тоа, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
На крајот нагласи дека народот секој пат знаел да ја одигра историската улога и овој пат ќе ја одиграл.
На средбата во Радовиш присуствуваше и кандидатот за градоначалник на Радовиш од СДСМ, Коле Чаркачиев.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со кандидатот за градоначалник на Василево, Марјан Јанев, вечерва оствари средби со граѓани во населени места во оваа општина.