Зоран Заев, по повод најавената утрешна средба меѓу претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече дека е приврзаник на дијалогот и оти дијалогот носи консензус, потсетувајќи дека и неговите разговори со Мицкоски, како и со лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, дале резултати.

–Сето ова е во прилог да им служиме подобро и поефикасно на граѓаните. Така што ќе има средба на претседателот на државата Пендаровски со претседателот на најголемата опозициска партија Мицкоски може да биде само прилог, нема ништо зијан. Ќе соопштат тие се што ќе разговараат, ќе слушнеме, но еве јас да апелирам што и да е нека се бараат решенија нормално, но секако да се почитуваат вредностите за кои огромното мнозинство на нашето население очекува да бидат испочитувани од сите без разлика дали е тоа владата, претседателот, опозицијата или слично за теми за коишто се најавува и дека се разговара, рече Заев.

Тој повтори дека на последната средби со Мицкоски, а потоа и со Села и Гаши постигнале одреден успех.

–Сите тие дадоа ако не целосен, барем делумен резултат. На првата средба договоривме одлагање на пописот и денеска сите стоиме на одлагање на пописот, прифативме отпечаток на прст, постапките веќе ДИК ги води и ќе го спроведеме ваквиот процес. Баравме за возврат одблокирање на застанатите закони. Верувам дека во иднина овие 27 закони што се блокирани се уште во Парламентот, на ваков или таков начин ќе бидат одблокирани затоа што дијалогот носи кон консензус, а преку тоа граѓаните имаат придобивки, кажа Заев.

Посочи и дека вториот дел од Законот за државјанство веројатно е решен, но бара тоа да се соопшти од предлагачите, Алијанса на Албанците и Алтернатива и додаде оти вчера бил одржан последниот состанок на работно ниво, а сега следуваат техничките аспекти.

-Вчера се одржа последен состанок каде текстуалниот дел, предложен од Алијанса на Албанците и Алтернатива беше разгледан од министерот Спасовски. Јас го прочитав, исто и другите служби што се вклучени, но повикано е МВР. Политички се расчистија дилемите. Сега останува државниот секретар Магдалена Несторовска заедно со пратеничката на Алијанса на Албанците, која беше на работната средба и нивните правни тимови, ова што политички е разговарано да го стават на хартија. И ако е тоа ок, се пушта во Собранието од страна на предлагачите Алијанса и Алтернатива со поддршка на владејачкото мнозинство. Нема веќе амандмани. Преработено е законското решение, ако тоа на крајот се потврди, а треба да се потврди како што е разговарано, логично е дека ќе ги повлечат амандманите, рече Заев.