Во последните денови од мојот ангажман како премиер на С. Македонија, огромни се честа и задоволството уште еднаш директно да учествувам и да придонесам во остварувањето на благородната мисија на иницијативата Отворен Балкан, објави вечерва премиерот во заминување, Зоран Заев.
– Уште на почетокот на оваа инцијатива, јас и моите колеги, другари и браќа, Александар Вучиќ и Еди Рама, нагласивме дека „Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес инициран од С. Македонија, Албанија и Србија, но создаден за добробит на целиот регион, отворен за сите земји од регионот. Сите останати земји од регионот имаат отворена, јавна, директна и недвосмислена покана да се придружат. Ги охрабруваме сите од Западен Балкан заедно да придонесеме овој наш заеднички простор, да стане поврзан и пред сѐ економски развиен, без пречки, без ограничувања, слободен, прилагоден целосно на потребите на нашите народи. Нашите народи – македонскиот, албанскиот, српскиот, како и народите на другите земји од регионот, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани, објави Заев на Фејсбук.
Под објавата Заев го додава хаштагот #OpenBalkan.