Пописот мора да се заврши и нема да има измени на некои закони, рече премиерот на Македонија.
Никогаш не се каам за тоа што сум го кажал. Македонија била окупирана од фашистичка сила, не можеме да кажеме дека цела Бугарија била фашистичка. Не смееме на фашизмот да му дадеме етничка боја. Јас сум должен да испратам пораки на пријателство. Но, со блокадата изгуби Македонија, Бугарија и ЕУ. Ова е катастрофален чекор на Европската Унија, изјави во вечерашното гостување во „Само вистината“ премиерот Зоран Заев.
Премиерот нагласи дека за сите членки на ЕУ македонскиот јазик е признаен, освен за Бугарија.
– Словачка и Чешка ставија вето поради европските вредности, а не поради Кирил и Методиј – нагласи Заев.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најавуваше интерпелација, но од тоа не бидна ништо, па започнаа со протести на кој се собираат педесетина граѓани. Срамно е за таква партија да организира протест со толку луѓе. Во моментот од нивна страна се блокирани рационални закони во Собранието. Денеска државата го откупува делот од „ГАМА“ за да добиеме евтин гас и да бидеме поконкурентни. Но, и за ова нема разбирање од опозицијата, смета премиерот Заев.
За обраќањето на екс претседателот на државата Бранко Црвенковски, Заев рече дека наместо тој да се обрати до граѓаните, тој се обратил до СДСМ.
За декриминализацијата на марихуаната рече Заев, според предлог Законот, таа која ќе се користи за лична потреба да биде легализирана.
– Вториот дел од тој предлог е за комплетна легализација. Тоа многу ќе помогне во домашната економија, а исто така ќе овозможи и за лекување на низа болести. Канада, Холандија и Чешка имаат голем приход од таа индустрија. Не сум пробал џоинт. Ние планираме и цветот од канабисот да се извезува, кој се користи за медицински цели. И овој предлог закон е блокиран од опозицијата. Двајца мои братучеди засадија канабис и тие се дел од тие 59 издадени лиценци. Во овие домашни фабрики просечна плата е 750 евра. Потенцијалите за инвестирање ни се големи. Треба да бидеме разумни да се донесат сите закони и се надевам дека опозицијата ќе ги одблокира – потенцираше Заев.
За претстојниот Попис, премиерот Заев рече дека сите што се повеќе од една година иселени од земјава, ќе се водат како иселени.
– Пописот ќе каже колку сме и нема ретроактивност. Пописот мора да се заврши и нема да има измени на некои закони – рече Заев.