Отворањето на пристапните преговори за членство во Европската унија останува наш највисок стратешки приоритет, билатералните прашања немаат место на преговарачката маса, став за кој недвосмислено се согласиле премиерот Зоран Заев и помошникот државен секретар на САД Филип Рикер.
На заедничката прес-конференција денеска во Охрид во рамки на „Преспа дијалог за соработка“, Заев повтори дека Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Република Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди.
– Посветени сме да работиме со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но има некои прашања за кои не може да се преговара. Брисел треба чесно да се соочи со ситуацијата во која е ставена стратешката определба за натамошно проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и да смогне сили да го објави тоа решение до Самитот ЕУ за Западен Балкан, кој ќе се одржи оваа есен, рече Заев.
Премиерот се осврна и на најавата за интензивирање на, како што рече, одличните билатерални политички, економски и културни односи со САД, посочувајќи дека постои огромен потенцијал за инвестиции на американските компании во Македонија.
– Тоа го потврдуваат дури десет американски компании кои вложија неколку стотици милиони долари во развој на свои капацитетите во ТИРЗ-овите во нашата земја, додаде Заев.
Според него, уште во првата година од членството во НАТО, земјава докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности на сите сојузници.
– Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално, истакна премиерот Заев.
Помошникот државен секретар Рикер забележа дека, како што рече, храбрата дипломатија која … Македонија ја остваруваше со Преспанскиот договор во комбинација со заложбата кон добрососедските односи помогнала да се обликува траекторијата на Западно Балканскиот регион кон ЕУ и НАТО, кој е важен за вас и за нас.
Администрацијата на Бајден, посочи тој, е фокусирана целиот регион да се ревитализира и да се подигне нивото на транзиција во трансатланската врска.
– Визијата на САД за Западен Балкан е постојана низ неколку децении. Идејата е да се постигне регион со мирни односи внатре и со своите соседи и целосно интегриран во евроатланската мрежа. Факт е дека … Македонија е Европа. Ова е европска земја, јас кога долетувам овде е во Европа. Тоа е вкоренето не само во вашата историја, туку и во вашата географија, нагласи Рикер.
Процесот кон пристапување кон ЕУ, посочи, ќе помогне да се положат темелите за попросперитетни и помирни времиња кои се засновани на темелните вредности и демократските начела. САД, нагласи, ги поддржуваат земјите членки на Унијата да ја одржат првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања.