Ние го немаме проблемот, но не значи дека не треба да бидеме загрижени за нешто што се случува во Западен Балкан, ако го има во соседните земји ќе дојде и кај нас. Визната либерализација има свои критериуми, свои стандарди, коишто мора да бидат почитувани и мора да бидат одржани. За жал многу често се злоупотребува, ама од поединци, истакна денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи го документот во кој се наведува дека дел од земјите-членки на ЕУ се загрижени за злоупотреба на визната либерализација.
Во редовните коресподенции и соработки со Европската Унија, како што наведе претседателот на Владата, едно од прашањата е токму тоа.
– И тогаш се очекува од земјите коишто ја имаат визната либерализација, а не се членки на ЕУ, како оние од Западен Балкан, да преземаат соодветни чекори. Кај нас особено чекорите кои ги преземаме се превентива, за да не се случат такви работи какви што се случуваат во многу други земји, но реално тоа не значи дека и кај нас не може да се случи еден поединец на основа на визната либерализација да замине во земјите членки на ЕУ па да бара каков било азил, политички, економски и слично што навистина не е дозволиво. Затоа што ако се верификуваме во извештаите за слободата, транспарентноста, демократијата навистина ги нема и причините за ваква работа, истакна Заев.
Премиерот рече дека „РС Македонија е економски послаба земја од земјите членки на ЕУ“, но, како што посочи, „тоа не е никаква причина дури и за економскиот азил“.