На средбата во Клубот на пратеници португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји, пред премиерот Заев, вицепремиерот Димитров и министерот Османи ги презентираа предлог решенијата за надминување на проблемот помеѓу Македонија и Бугарија, кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ, со одржување на првата меѓувладина конференција.
Веднаш после состанокот, премиерот Заев даде изјава во која кажа дека тимот во Владата задолжен за овие преговори, сериозно и одговорно ќе ги разгледа сите детали од предложеното решение.
– За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија – кажа Заев иразувајќи увереност дека ова е вистинскиот момент да одиме чекор понатаму.
Инаку, бугарските медиуми денеска веќе пишуваа за предлогот на португалското претседателство.
– Се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ – нагласи македонскиот премиер.