Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Зеев Елкин, министер за Ерусалим и заштита на животната средина на Израел.
На средбата е изразена поддршка за позитивните промени во нашата држава, реформските процеси, градењето клима на доверба меѓу граѓаните, напредокот во воспоставувањето добрососедски односи.
– Поздравена е изразената храброст и успехот на политичките процеси важни за евро-атлантските интеграции. Во таа насока поддржани се отворените НАТО интеграции и европските аспирации на државава. Заеднички е констатирано дека сето тоа овозможува дополнително продлабочување на економските односи помеѓу Македонија и Израел. Разговарано е и за изразениот интерес од Владата во Израел за подлабока економска соработка со нашата држава како и за поддршка во интеграциските процеси, се вели во соопштението од Владината прес-служба.
Премиерот Заев истакнал дека очекува до крајот на годината да станеме 30. земја членка на НАТО и да ги отвориме пристапните преговори со ЕУ со цел полноправно членство во Унијата.
-Овие процеси за граѓаните и за државата значат стабилност и безбедност, но и економија. Импактот, влијанието врз економијата, од овие процеси е веќе видлив. Странските инвеститори се позаинтересирани за инвестирање. Во нашата држава се присутни компании од Израел и наша определба е да се развие економската соработка, рекол премиерот Заев.
На средбата се разговарало за можноста за подлабока соработка во областа на земјоделството, туризмот, за примена на искуства од Израел на полето на технологијата, за реализацијата контакти со бизнисмени од двете земји, со цел дополнително мотивирање на соработката.
Израелскиот министер Елкин му се заблагодарил на премиерот Заев за поддршката во одбележувањето на 76-годишнината од депортацијата на Евреите, што се одбележува денеска во Скопје, за одржувањето на значењето на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, на Ерусалимската патека кај еврејските гробишта во Битола. Премиерот Заев констатирал дека двете земји се пријателски и немаат отворени билатерални прашања и дека низ почитта на културата и традицијата меѓу двете земји, односите може само да се развиваат.