Стартува со реализација четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните, стопанството и за одржување на макроекономската стабилност. Од почетокот на пандемијата континуирано ги следиме состојбите и соодветно реагираме во најбрз рок да се ефектуира дадената финансиска поддршка, објави премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
– Покрај мерките за директна поддршка за исплата на плати, како и директна финансиска поддршка за граѓаните, воведовме мерки за даночни ослободувања и намалување на давачките за компаниите како: намалување на ДДВ од 18% на 5% за занаетчиски услуги; намалување на стапката на ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци; плаќање ДДВ 5 дена по поднесување на пријава; одложено плаќање на аконтации за данок на добивка и данок на личен доход; и признавање на трошок за приватно здравствено осигурување и тестирање за КОВИД-19, наведува Заев во објавата.
Тој натаму нагласува дела преку ребалансот на Буџетот за најпогодените сектори дополнително се одвоени 412 милиони денари за поддршка на производителите, преработувачи и извозници на грозје и вино; 9,8 милиони денари за туристичките водичи; 120 милиони денари за враќање на туристичката такса за 2019 година; и 330 милиони денари за Грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.
– Зацврстување на дијалогот, консултација пред донесување на мерките, со сите чинители во општеството, комори, синдикати, работодавачи, граѓански организации е наш приоритет. Државата е тука да помогне во најтешките моменти, заедно да ја пребродиме оваа криза, да излеземе посилни и да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија. Со висока колективна свест и грижа за секој живот и работно место ќе ја надминеме оваа криза и ќе ја искористиме како можност за градење на силно и просперитетно општество, додава премиерот Заев во фејсбук-објавата.