Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска телефонски разговарале за повеќе области на соработка меѓу двете земји, соопшти Владата.
Во фокусот на разговорот бил Берлинскиот процес и заедничкото успешно претседавање кое е особено важно за зајакнување на регионалната соработка и интеграција на регионот во ЕУ, како и подготовките за претстојниот главен самит кој ќе се одржи во текот на ноември во Софија.
Двајцата премиери разговарале и за заедничката соработка во заштитата од пандемискиот вирус КОВИД-19, особено имајќи ги предвид искуствата на Бугарија во обезбедувањето заштитна опрема за стручниот персонал и за граѓаните.
Била потенцирана и определбата на премиерите, двете држави и граѓаните за целосно искористување на можностите кои постојат за унапредување на економската соработка.
Во телефонскиот разговор се дискутирало и за организација на скорешна посета на премиерот Заев на Република Бугарија, како и за заедничко охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни.
Премиерот Борисов истакнал дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Македонија, при што заедно со Заев изразиле увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.