Премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека ќе биде постигнат консензус за промена на Изборниот модел со една изборна единица, повторувајќи дека со тоа губат големите партии, ќе загуби и СДСМ, но ќе се острани можноста за какво било авторитарно однесување во иднина.
Заев одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на „Граматиката на современиот ромски јазик“, нагласи дека добро е во државата вакви важни прашања, како промена на Изборен модел, да се носат со консензус.
– А ние не можеме поинаку, ние им ветивме на граѓаните уште во кампањата во 2016 година дека сме за една изборна единица. Тоа е дел од нашата изборна програма, а и ние веруваме во тоа, рече Заев и додаде дека тоа освен што ќе биде придобивка за помалите партии, ќе биде придобивка и за сите граѓани.
– Ако дојде до гласање во Парламентот јас се надевам, дека тоа ќе биде консензуално, но ако не е консензуално на кој било друг начин социјалдеморкатите ќе гласаат за оваа измена. ДИК е подготвена, институциите се подготвени, постапката е едноставна, рече Заев.
Тој нагласи оти смета дека постои поддршка за овие измени. – Мислам дека имам поддршка, јас не сум иницијатор вака кога кажувам. Најголемата политичка партија од помалубројните етнички заедници е ДУИ, мислам дека има вкупно 23 Албанци во Парламентот, а ДУИ има 10 пратеници, каде се другите помалубројни заедници. Дали се согласуваат ќе видиме на гласањето, да направиме чекор, а ако не успееме, што се надевам дека нема да се случи, ќе се направи притисок за тоа за следните избори, рече Заев.
Премиерот додаде дека верува оти овие измени ќе ги привлече оние граѓаните, кои не се заинтересирани за избори да го тестираат новиот изборен модел.